• e hënë, 17 mars 2025

Шефот на Шин Бет: Нетанјаху одлучи да ме смени оти нема доверба во мене

Шефот на Шин Бет: Нетанјаху одлучи да ме смени оти нема доверба во мене

Ерусалим, 17 март 2025 (МИА) - Шефот на израелската служба за внатрешна безбедност Шин Бет, Ронен Бар, како одговор на најавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ќе биде сменет од функцијата шеф на службата, рече дека премиерот ја донел одлуката затоа што смета дека меѓу нив нема доверба, што, како што оцени, е целосно нелегитимно.

Тој нагласи дека одлуката на Нетанјаху не е поврзана со неуспесите на Шин Бет да ги открие заканите од нападите на палестинската милитантна група Хамас врз јужен Израел.

Бар рече дека како шеф на Шин Бет, тој е лојален на граѓаните на Израел, а не на премиерот Нетанјаху лично, објави Тајмс оф Израел.

„Очекувањето на премиерот за должност на лична лојалност, чија цел е спротивна на јавниот интерес, во основа е нелегитимно очекување. Ова е спротивно на Законот за Шин Бет и спротивно на државните вредности што ги водат Шин Бет и неговите членови“, рече Бар.

Според него, внатрешниот преглед на Шин Бет за неуспехот што доведе до нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, „укажува на политиката што ја водела владата и личноста која раководи со години, со акцент на годината што му претходела на масакрот“.

„Истрагата покажа дека политичкиот ешалон упорно и намерно ги игнорирал предупредувањата на агенцијата“, рече Бар.

Тој нагласи дека има намера да продолжи да ги извршува своите должности додека не бидат ослободени сите заложници кои ги држеше Хамас и не завршат неколку „чувствителни“ истраги.

Нетанјаху во неделата рече дека има намера да го смени Бар. Израелскиот премиер го повика Бар на итен состанок во неговиот кабинет и го информираше дека владата ќе гласа да го принуди да ја напушти функцијата, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Според израелските медиуми, гласањето ќе се одржи на специјален состанок на владата во среда.

„Во секој момент, а особено за време на егзистенцијалната војна со која се соочуваме, мора да има целосна доверба меѓу премиерот и шефот на Шин Бет“, наведе Нетанјаху во соопштението, додавајќи дека ситуацијата е спротивна и дека нема таква доверба. паг/

Фто: ЕПА



QËNDRONI TË LIDHUR