• e martë, 18 mars 2025

Калас: Русија засега не доаѓа на преговарачката маса за Украина 

Калас: Русија засега не доаѓа на преговарачката маса за Украина 

Брисел, 17 март 2025 (МИА) - Европската Унија разговара со различни соговорници околу евентуалните мировни преговори за Украина, но засега тоа е на ниво на „шатл дипломатија“ затоа што се уште „нема преговарачка маса“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по завршувањето на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел. 

- Секако, минатата недела имавме средби со американските колеги и изнесовме загриженост за извесни елементи што би можеле да бидат изнесени од страна Русите и како да биде одговорено на нив. Како што гледаме засега нема преговарачка маса, затоа што Русија не доаѓа на преговарачката маса, изјави Калас во одговор на прашање дали ЕУ подготвува свој преговарачки тим за евентуални мировни преговори за ставање крај на конфликтот во Украина. 

Калас додаде дека на заседанието на Советот била изразена широка политичка поддршка за нејзината „одбранбена иницијатива“ за Украина, во врска која сега расправата е насочена на детали од неа. 

- На последниот Европски совет беше речено дека треба да се движиме брзо со оваа иницијатива и веќе напредуваме. Се надевам дека ќе бидеме во можност да постигнеме напредок, бидејќи сите сфаќаат дека мора да ја поддржиме Украина за да може да се одбрани себе си, рече Калас.  

Таа додаде дека министрите ги поздравиле резултатите од разговорите меѓу американските и украинските претставници во Џеда, но дека сега кога топката е на теренот на Русија се гледа дека таа не сака мир. 

- На Русија не може да и се верува. Таа го гледа оваа како можност да изнесе секакви барања за остварување на нејзините крајни цели. Но, ќе видиме како ова ќе се одвива понатаму, рече Калас. 

На средбата се разговарало и за односите меѓу ЕУ и САД, кои во најголема мерка биле фокусирани на прашањето за царините и трговските односи, при што еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович ги информирал министрите за најновиот развој на настаните поврзани со разговорите се Вашингтон за овие прашања. 

- Она што е најважно е дека околу тоа сите сме на истата страна, додаде Калас.  

Во однос на настаните во Газа, Калас информира дека министрите го осудиле политизирањето на хуманитарната помош за цивилното население во Појасот и дека го поздравиле Арапскиот план за обнова на областа, но дека има некои елементи за кои мора да се разговара. 

- Хамас не смее да има никаква улога во идната обнова на Газа, додаде високата претставничка на ЕУ. 

На средбата станало збор и ситуацијата и насилството во Сирија, настани кои, како што рече Калас, предвидуваат загриженост. Во врска со укинувањето на санкциите кон Сирија, Калас нагласи дека ЕУ го променува принципот „чекор по чекор“. 

- Ако видиме правични чекори од сириска страна, ние ќе биде подготвени да направиме чекори од наша страна. Сега прашањето е дали по појавата на ново насилство треба да направиме чекор назад, изјави Калас, додавајќи дека меѓу министрите преовладувал ставот дека ако се сака да се постигне напредок, потребно е да им се пружи надеж на Сиријците, па затоа сега се оди со план за олеснување на санкциите, но се следат и постапките на новите сириски власти. 

Таа додаде дека ЕУ сака да види дека сириските власти преземаат мерки за казнување на виновниците за насилството и дека при формирањето на владините институции ќе бидат вклучени мноштвото групи што живеат во Сирија. 

Министрите изразиле и загриженост поради дестбилизирачката улога на Иран во регионот на Балскиот Исток и неговата воена поддршка за Русија, а разговарале и за иранската нуклеарна програма. 

Калас истакна дека на Советот било покренато и прашањето за поддршка на Радиото Слободна Европа, по прекинот на помошта од САД, посочувајќи дека ЕУ не може веднаш по автоматизам да ја замени американската поддршка, но дека се прават напори да се најде решение. сп/ 

Фото: Скриншот

QËNDRONI TË LIDHUR