Хамас го осуди убиството на политичкиот лидер Салах Бардавил
- Палестинската милитантна група Хамас го осуди денеска убиството на високиот политички лидер на организацијата Салах ал Бардавил, нарекувајќи го предавнички.
- Post By Марија Спасовска
- 09:48, 23 mars, 2025

Газа, 23 март 2025 (МИА) - Палестинската милитантна група Хамас го осуди денеска убиството на високиот политички лидер на организацијата Салах ал Бардавил, нарекувајќи го предавнички.
-Висок политички лидер, заедно со неговата сопруга, стана маченик како резултат на предавничка ционистичка операција за атентат, се вели во соопштението на Хамас, според Ал Џезира.
Хамас го нарече Бардавил „светилник на политичка, медиумска и национална акција и симбол на чесност, непоколебливост и пожртвуваност“.
Како што се наведува, неговата ликвидација доаѓа како дел од „серијата брутални масакри извршени од непријателот врз народот на Газа“.
Хамас претходно денеска објави дека Салах Бардавил, член на неговото политичко биро и на палестинскиот парламент, бил убиен во напад во близина на градот Кан Јунис, во кој била убиена и неговата сопруга.
Деветнаесет лица, меѓу кои и деца, биле убиени во нападите на израелските сили во текот на ноќта врз Појасот Газа.
Израел минатата недела го прекрши примирјето со Хамас кога започна ненадеен бран воздушни напади во кои загинаа стотици Палестинци низ Појасот Газа. мс/
фото: ЕПА