• e mërkurë, 26 mars 2025

Руанда планира напад врз мојата земја, тврди претседателот на Бурунди

Руанда планира напад врз мојата земја, тврди претседателот на Бурунди

Гитега, 25 март 2025 (МИА) – Претседателот на Бурунди, Еварист Ндаишимије, изјави за Би-Би-Си дека има сознанија дека Руанда планира напад врз неговата земја.

Ндаишимије, додаде дека Руанда пред десет години, исто така, се обидела да изврши државен удар во Бурунди, споредувајќи го со тоа што Руанда во моментов го прави во Демократска Република Конго.

Руанда возврати наведувајќи дека тврдењата на претседателот се „изненадувачки“, инсистирајќи на тоа дека двете земји соработуваат за безбедносни прашања на нивната заедничка граница, која е затворена повеќе од една година.

 И покрај доказите од Обединетите нации, Руанда отсекогаш негираше дека ја поддржува и вооружува бунтовничката група М23, која неодамна зазеде големи делови од источно Конго заедно со трупите на Руанда.

Руанда, исто така, негираше врски со групата Црвена Табара, која, според претседателот Ндаишимија, е слична група на М23, која е поддржана од Руанда за да го дестабилизира Бурунди.

-Тие би рекле дека тоа е внатрешен проблем, додека проблемот е Руанда. Знаеме дека тој (претседателот на Руанда Пол Кагаме) има план да го нападне Бурунди, додаде Ндаишимије.

 Ндаишимије повика на мир и целосно спроведување на договорот меѓу двете нации - договор што Руанда не успеала да го почитува.

Тој, исто така, тврдеше дека Руанда извршила државен удар во 2015 година, обучила и вооружила млади кои потоа побегнале во Руанда и сега се под нејзина контрола.

Претседателот на Бурунди нагласи дека неговата земја во моментов не планира напад на Руанда, но дека е подготвена да се одбрани доколку се случи таков напад.

Според него, решението за овој конфликт би било собирање на сите страни, вклучително и опозицијата и вооружените групи, да работат заедно за изградба на подобра иднина за сите граѓани.

 За тензиите меѓу Руанда и Конго, Ндаишимије нагласи дека проблемот не е голем и дека може да се реши без жртви. сд/

фото:ЕПА

QËNDRONI TË LIDHUR