Европски суд за човекови права: Владата на Србија да се изјасни дали е употребен звучен топ на протестот на 15 март
- Европскиот суд за човекови права и даде рок на Србија до 31 март да одговори за евентуалната употреба на звучно оружје на протестот во Белград на 15 март, јави МИА од Белград.
- Post By Златко Шумковски
- 19:46, 25 mars, 2025

Белград, 25 март 2025 (МИА) - Европскиот суд за човекови права и даде рок на Србија до 31 март да одговори за евентуалната употреба на звучно оружје на протестот во Белград на 15 март, јави МИА од Белград.
Тоа се наведува во соопштението на граѓанските организации во Србија, откако Европскиот суд побара одговори од Република Србија.
„Нашата држава доби рок до 31 март да се изјасни дали против демонстрантите биле употребени нелегални средства, која е правната основа за наводната употреба на такво оружје и кои се заштитните мерки против самоволна употреба на такви средства“, се наведува во соопштението.
До Судот се обратија неколку граѓански организации од Србија кои како што наведуваат, тоа го направиле во име на „47 граѓани на Србија, во врска со настаните што го прекинаа 15-минутното оддавање почит на жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад“.
Европскиот суд исто така побара од граѓаните кои му се обратиле да достават конкретни информации до 31 март, особено за здравствената состојба и здравствените последици што ги претрпеле српските граѓани кои биле изложени на звучни или слични уреди за време на мирниот протестен собир во Белград на 15 март 2025 година. зш/
фото ЕПА