Универзитетската библиотека во Битола слави јубилеј - 80 години постоење
- Свеченостите по повод големиот јубилеј – 80 години од денот на формирањето, НУУБ „Свети Климент Охридски“- Битола ги почна со панел на тема „Значењето на библиотеките за културниот живот и образованието во заедницата“.

Битола, 25 март 2025 (МИА) - Свеченостите по повод големиот јубилеј – 80 години од денот на формирањето, НУУБ „Свети Климент Охридски“- Битола ги почна со панел на тема „Значењето на библиотеките за културниот живот и образованието во заедницата“.
На панел дискусијата која е дел од проектот „Промовирање на значењето на библиотеката како културна и образовна институција во заедницата – 80 години постоење на Битолската библиотека“, освен менаџментот на библиотеката, како панелист учествуваше и градоначалникот Тони Коњановски.
-Библиотеката е длабоко поврзана со моето детство. Сакам и сега, што повеќе деца да се вратат кон читањето и книгата. Во ова време, кога доминираат електронските уреди, телевизијата, интернетот, мобилните телефони, искрено се радувам кога ќе видам дека некое дете чита. Денес, како локална самоуправа имаме одлична соработка со библиотеката и при секое влегување во овој храм на книгата, мирисот на книгата ви ги враќа спомените, истакна Коњановски.
Јубилејните свечености на Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола продолжуваат и во наредните денови, а свечената академија е закажана за в петок, на 28 март. мт/мд/
Фото: МИА