Трамп: Хутите повторно ќе бидат уништени
- Претседателот на САД, Доналд Трамп повторно го повика Иран да прекине да испраќа воена помош за јеменските Хути
- Post By Марина Илиевска
- 18:43, 19 mars, 2025

Вашингтон, 19 март 2025 (МИА) – Претседателот на САД, Доналд Трамп повторно го повика Иран да прекине да испраќа воена помош за јеменските Хути.
- Пристигнуваат извештаи дека Иран, иако го намалил интензитетот на испраќање воена опрема и општа поддршка за Хутите, сè уште испраќа големи количини од резервите. Иран мора ВЕДНАШ да престане да ги испраќа овие резерви. Оставете ги Хутите сами да се борат. Како и да е, тие губат, но на овој начин губат брзо, објави Трамп на платформата „Трут соушл“ (Truth Social).
Тој додаде дека „на варварите Хути им е нанесена огромна штета и гледајте како „ќе им биде се полошо – тоа не е ни фер борба и никогаш нема да биде. Тие ќе бидат целосно уништени“.
Според очевидци од главниот град на Јемен, Сана, денеска цел на американските напади бил кварт во близина на аеродромот. Сè уште нема информации за евентуални жртви.
Трамп на 15 март презеде операција врз Хутите, само неколку дена откако јеменските бунтовници најавија дека повторно ќе преземат одмазднички напади врз израелски бродови кои минуваат низ Црвено и Арапско Море, теснецот Баб-ел-Мандеб и Аденски Залив, со што заврши периодот на релативен мир што почна во јануари со прекинот на огнот во Појасот Газа.
Хутите од ноември 2023 година нападнаа повеќе од 100 бродови во знак на поддршка со Палестинците поради војната во Појасот Газа. Поради нападите на Хутите беше нарушен глобалниот транспорт, а компаниите се принудени да бараат подолги и поскапи рути околу јужна Африка. ми/
фото: ЕПА