Бербок во втора посета на Сирија
- Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска ќе ја посети Сирија, вторпат по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад
- Post By Марина Илиевска
- 07:43, 20 mars, 2025

Дамаск, 20 март 2025 (МИА) – Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска ќе ја посети Сирија, вторпат по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад.
Бербок се очекува утрово да пристигне во Дамаск на разговори со сириската преодна влада и претставници на граѓанското општество. Конкретни детали од посетата се чуваат во тајност поради безбедносни причини.
Посетата на германската министерка за надворешни работи е само две недели по жестоките судири во северозападна Сирија во кои загинаа стотици луѓе.
Бербок претходно го осуди „целното убиство на цивили“ за време на неодамнешните судири, нарекувајќи ги „ужасно злосторство“ што значително ќе ја наруши меѓусебната доверба. Сепак, таа ја потврди посветеноста на Германија да продолжи да обезбедува хуманитарна помош за Сирија и сигнализираше потенцијално олеснување на санкциите доколку се исполнат одредени услови.
- Можен е нов политички почеток меѓу Европа и Сирија, меѓу Германија и Сирија, истакна Бербок, додавајќи дека тоа ќе бара јасна посветеност за обезбедување слобода, безбедност и еднакви можности за сите Сиријци, без оглед на нивниот пол, етничка припадност и религија.
Башар Асад владееше со Сирија повеќе од две децении. По молскавична офанзива на исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам на крајот од минатата година, тој беше соборен и побегна во Русија. Оттогаш, новата преодна влада и привремениот претседател Ахмед ал Шара се обидуваат да ја вратат безбедноста и да ја оживеат националната економија. ми/
фото: ЕПА