• e premte, 21 mars 2025

Лидерите на ЕУ предлагаат поконкурентна Унија за заштита на европските граѓани и вредности 

Лидерите на ЕУ предлагаат поконкурентна Унија за заштита на европските граѓани и вредности 

Брисел, 20 март 2025 (МИА) - Поконкурентна Европска Унија ќе биде посилна Унија, подобро способна да ги заштити своите граѓани, вредности и интереси на глобалната сцена, истовремено одржувајќи го својот просперитет и европскиот социјален модел, се наведува во заклучоците од денешниот Самит на ЕУ посветени на конкурентноста.  

- Потребата да се инвестира во нашата одбрана и нашата конкурентност се тесно поврзани. Европскиот совет ја нагласува итната потреба да се зајакне конкурентноста на Европа... Во таа насока, Европскиот совет особено ја поздравува презентацијата на Компасот за конкурентност од 29 јануари 2025 година, Договорот за чиста индустрија од 26 февруари 2025 година и агендата за поедноставување „Омнибус“, се вели во документот. 

Според лидерите на ЕУ, 2025 година треба да означи чекор на промена во активностите на Унијата за зајакнување на конкурентноста и на единствениот пазар, за промовирање на квалитетни работни места и за обезбедување успешна двојна транзиција, во согласност со договорените цели за климата.  

- Со цел да се постигнат овие цели и да се придонесе за намалување на јазот во иновациите и продуктивноста со глобалните конкуренти на ЕУ и во рамките на ЕУ, Европскиот совет се согласува да даде приоритет на поедноставувањето и намалувањето на регулаторните и административните оптоварувања, намалувањето на цените на енергијата и мобилизирањето на приватните заштеди за да се отклучат неопходните инвестиции во економијата на ЕУ, се додава во заклучоците. 

Во контекст на плановите за поедноставување и намалување на оптоварувањата, лидерите, меѓу другото, предлагаат намалување на административните давачки за најмалку 25 отсто, поедноставување на постојното законодавство, олеснување на правилата за индустриска декарбонизација и за трошоци за безбедност и одбрана и избегнување на прекумерната регулација. 

Во делот на енергијата Европскиот совет повикува на засилување на напорите за заштитат граѓаните и бизнисите во ЕУ од високите енергетски трошоци, за обезбедување и снабдување со прифатлива и чиста енергија, изградба на „вистинска енергетска унија пред 2030 година“, зајакнување на енергетската безбедност и отпорност и заштита на инфраструктурата. 

Лидерите нагласуваат дека во услови на предизвиците за конкурентноста на ЕУ, „од огромно значење е да се создадат вистински интегрирани и подлабоки европски пазари на капитал, преку создавање на Унијата на пазари на капитал“, како и на „вистинска Унија за штедење и инвестиции“ што ќе помогне да се канализираат стотици милијарди евра дополнителни инвестиции во европската економија секоја година.

- Овие приоритети за конкурентноста ќе бидат поддржани со амбициозна нова хоризонтална Стратегија за единствен пазар, која ќе биде претставена во јуни 2025 година, која треба да има за цел продлабочување на единствениот пазар, со отстранување на преостанатите бариери, особено во областа на услугите и основните добра, справување со фрагментацијата и подобрување на примената и спроведувањето на правилата за единствениот пазар, се наведува во заклучоците од Самитот на ЕУ посветени на конкурентноста. сп/

Фото: МИА Архива

QËNDRONI TË LIDHUR