• e martë, 25 mars 2025

Специјалниот пратеник на Трамп очекува „вистински напредок“ во разговорите за Украина во Ријад

Специјалниот пратеник на Трамп очекува „вистински напредок“ во разговорите за Украина во Ријад

Вашингтон, 23 март 2025 (МИА) - Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, во интервју за телевизијата Фокс изјави дека очекува да биде постигнат „вистински напредок“ на утрешните разговори во Саудиска Арабија за ставање крај на конфликтот меѓу Русија и Украина.

- Мислам дека ќе видите вистински напредок во Саудиска Арабија во понеделник, особено во Црното Море - прекин на огнот против бродовите од двете страни. И од тоа, природно ќе преминеме на целосен прекин на огнот, рече Виткоф.

Прашан за позициите на рускиот претседател Владимир Путин, специјалниот пратеник на Трамп, смета дека „тој сака мир“. За стравувањата на западот дека Путин нема да се ограничи на Украина доколку се направат отстапки, Виткоф рече: „Едноставно не мислам дека тој сака да ја преземе цела Европа. Ова е многу поинаква ситуација отколку што беше за време на Втората светска војна“.

- Путин војува веќе неколку години, главно за овие пет региони на Украина кои Русија ги анектираше. Гледиштето во Русија е дека тоа се руски територии, дека на овие територии се одржале референдуми, што ги оправдува овие акции. Не заземам ничија страна кога го кажувам ова, само посочувам кои се проблемите, изјави Виткоф.

Тој не одговори директно на прашањето на новинарот на Фокс дали смета дека е погрешно да се опише Путин како „тиранин“ чии „политички противници често исчезнуваат или умираат“.

- Во моите 68 години, никогаш, никогаш не сум видел ситуација во која нема две страни во иста приказна. Ситуацијата никогаш не е толку црно-бела како што луѓето сакаат да ја претставуваат. Постојат влади на двете страни, но нашата работа, под водство, нагласувам, на претседателот (Трамп), е да ги ограничиме проблемите, да ги приближиме земјите и да ставиме крај на колежот, рече Виткоф.

Во меѓувреме, извор од украинската делегација изјавил дека вечерва во Ријад ќе има средба меѓу украински и американски претставници. Пред утрешните разговори, се очекува САД да одржат одделен состанок и со руската делегација.

Украинската делегација во Ријад ја предводат министерот за одбрана Рустем Умеров и заменик-шефот на претседателскиот кабинет Павло Палис.

Во руската делегација, пак, се Григориј Карасин, поранешен дипломат и актуелен претседател на Комитетот за надворешни работи на Советот на Руската Федерација и Сергеј Бесед, советник на директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ). 

Разговорите со посредство на САД во Ријад првенствено ќе се фокусираат на предложениот поморски прекин на огнот во Црното Море.

Не е предвидена директна комуникација меѓу Украина и Русија.са/

Фото: МИА архива

 

 

QËNDRONI TË LIDHUR