Турската полиција приведе 55 лица во Истанбул под обвинение за навреди кон претседателот Ердоган
- Вкупно 55 лица се уапсени денеска во Истанбул под обвиненија за „навреди кон претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговото семејство, прекршување на забраната за собирања и демонстрации и непочитување на полицијата“, јави Анадолија.
- Post By Сања Костовска
- 17:19, 25 mars, 2025

Анкара, 25 март (МИА) - Вкупно 55 лица се уапсени денеска во Истанбул под обвиненија за „навреди кон претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговото семејство, прекршување на забраната за собирања и демонстрации и непочитување на полицијата“, јави Анадолија.
Акцијата е спроведена рано утринава откако Главното обвинителство на Истанбул изготви список со 41 осомничено лице што учествувале на протестите во областа Сарачхане претходната вечер. Подоцна во текот на денот биле уапсени уште 14 лица, со што вкупниот број приведени се зголеми на 55.
- Ги осудувам оние што користат недоличен јазик против нашиот претседател, неговата покојна мајка и семејството. Таков дрзок и навредлив говор му доликува само на оние што не веруваат во заедничките вредности на нашата нација, демократијата и владеењето на правото, изјави турскиот вицепремиер Џевдет Јилмаз.
Раководителот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун, исто така, ги осуди навредите кон Ердоган, нарекувајќи ги нивните автори „неморални и неуки“.
И покрај забраните за собирања и демонстрации што важат во Истанбул, Измир и Анкара, синоќа, по шести пат, во овие и други големи турски градови се одржаа масовни протести. Сарачхане, каде што се наоѓа Големата истанбулска општина, останува главното собиралиште на демонстрантите.
Причина за незадоволството на граѓаните е апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, како и на неколку членови на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП)). Од 19 март досега се уапсени над 1.100 лица, меѓу кои и новинари, а повеќе од 100 полицајци биле повредени во судирите со демонстрантите.ссм/
фото: архива