• e mërkurë, 26 mars 2025

САД: Демократите бараат оставка од министерот за одбрана Хегсет по протекување на воени планови за Јемен

САД: Демократите бараат оставка од министерот за одбрана Хегсет по протекување на воени планови за Јемен

Вашингтон, 25 март 2025 (МИА) - Претставници на Демократската партија бараат оставка од американскиот министер за одбрана Пит Хегсет поради протекување на воени планови во групен разговор на шифрирана апликација за пораки Сигнал, а во која, по грешка, бил вклучен и новинар.

Главниот уредник на Атлантик, Џефри Голдберг, вчера објави дека споделените материјали „содржеле оперативни детали за претстојните напади врз Хутите поддржани од Иран во Јемен, вклучувајќи информации за целите, оружјата што САД ќе ги употребат и редоследот на нападите“.

Американскиот Совет за национална безбедност соопшти дека текстуалната низа „изгледа автентично“. Откритието, со јасни импликации за националната безбедност, предизвика шок во дипломатските и политичките кругови, при што многумина повикаа на истраги за тоа како дошло до овој пропуст, додека други бараат дисциплински мерки.

Претседателот на Националниот комитет на Демократската партија, Кен Мартин, ги предводи повиците за оставка на Хегсет, барајќи тој „да биде отпуштен“ доколку не поднесе оставка. Во својата изјава, Мартин го критикуваше Хегсет како „неспособен да го води Министерството за одбрана уште пред да ја загрози нашата национална безбедност“.

- Хегсет треба да поднесе оставка, а ако не го стори тоа, треба да биде отпуштен. Јасно е дека нашите мажи и жени во униформа заслужуваат подобро – и дека нашата национална безбедност не може да остане во неспособните и неквалификувани раце на Хегсет, додаде Мартин.

Лидерот на демократите Хаким Џефрис го опиша протекувањето на некласифициран систем како „целосно скандалозно и шокантно за совеста“, додавајќи дека тоа покажува дека Американците се сè повеќе лути „поради поставувањето на непромислени и просечни личности, вклучувајќи го и министерот за одбрана“.

Во својата изјава, Џефрис ги повика републиканците во Претставничкиот дом да се приклучат кон демократите „во брза, сериозна и суштинска истрага за овој неприфатлив и неодговорен пробив во националната безбедност“. Одделно, Џефрис им рече на новинарите дека Хегсет „мора да е најнеквалификуваната личност што некогаш го водела Пентагон во американската историја“.

Нагласувајќи ја сериозноста на ситуацијата во говор на сенатскиот подиум, лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, рече: „Ова е едно од најшокантните пробивања на военото разузнавање за кое сум читал во многу, многу долго време“.

Тој подвлече дека употребата на шифрираната апликација за инстант пораки Сигнал, наместо владините комуникациски канали, е уште позагрижувачка од протекувањето до „Атлантик“.

Случајот предизвика реакција и од поранешната демократска кандидатка за претседател Хилари Клинтон, чие користење приватен сервер за класифицирани е-пошти додека беше државна секретарка стана голем скандал за време на нејзината кампања во 2016 година, при што тогашниот претседател Доналд Трамп постојано се враќаше на темата.

„Мора да се шегувате“, реагираше Клинтон во објава на Икс, споделувајќи го емотиконот со очи и статијата од The Atlantic.

Реакциите од републиканците се помешани, при што многумина се обидоа да го минимизираат инцидентот. Сенаторот Џон Кенеди од Луизијана беше меѓу оние што дадоа млака реакција.

„Се случи грешка. Тоа се случува“, рече Кенеди пред медиумите. Други фигури во партијата го признаа пропустот, но одбија да бараат последици за вмешаните.

Но, претседателот на Комитетот за вооружени служби во Сенатот, Роџер Викер, беше меѓу оние што им рекоа на новинарите дека „беа направени грешки“. - Многу сме загрижени за тоа и ќе го разгледаме на двопартиска основа“, рече републиканскиот сенатор од Мисисипи, додавајќи дека панелот „дефинитивно“ планира да ја истражи ситуацијата.

Двајца членови на групниот разговор — Тулси Габард, директорката на националното разузнавање, и Џон Ретклиф, директорот на ЦИА — ќе се појават пред разузнавачкиот комитет на Сенатот во текот на денов, а потоа и на сослушување пред разузнавачкиот комитет на Претставничкиот дом.

Сослушувањата, кои беа закажани пред да избие скандалот со The Atlantic, се одржуваат за да се разговара за светските закани, а станува збор за годишни настани на кои се дискутира за трговијата со дрога, борбата против насилниот криминал, трговијата со луѓе и илегалната имиграција.

Но, главниот демократ во разузнавачкиот панел на Претставничкиот дом, Џим Хајмс, американски претставник за 4-тиот конгресен округ на Конектикат, рече дека ќе бара одговори на сослушувањето, како и други.

Во мешувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сè уште има доверба во Мајк Волц, неговиот советник за национална безбедност кој го додадал Џефри Голдберг во групниот разговор, според високата дописничка од Белата куќа на Ен-Би-Си.  Зборувајќи со Герет Хејк, новинар на Ен-Би-Си, Трамп рече дека Голдберг е „гнасен тип“ и дека неговото присуство во групниот разговор на Сигнал „нема никакво влијание“.

На прашањето како Голдберг бил додаден во разговорот, Трамп рече дека еден од вработените во тимот на Мајк Волц „го имал неговиот број таму“.

Кога го прашаа дали сè уште има доверба во Волц, Трамп рече дека има: „Мајкл Волц научи лекција, и тој е добар човек“. 
Тој изрази доверба во својот тим и ги поддржа коментарите на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет дека приказната не претставува проблем.

Ситуацијата, рече Трамп, била „единствениот проблем во два месеца, и се покажа дека не е сериозен“.

Каролин Ливит, портпаролката на Белата куќа, предмалку, на социјалната мрежа Икс, реагираше на веста.  Таа тврди дека новинарот што по грешка бил додаден во разговорот на Сигнал – Џефри Голдберг – е „добро познат по неговото сензационалистичко спинување“. 
Таа додава: „Еве ги фактите за неговата последна приказна:  Не било разговарано за ‘воени планови’. Не биле испратени класифицирани материјали во разговорот.

Канцеларијата на советникот на Белата куќа дала насоки за повеќе различни платформи за високите официјални лица да комуницираат што е можно побезбедно и поефикасно.
„Како што изјави Советот за национална безбедност, Белата куќа истражува како бројот на Голдберг бил ненамерно додаден во разговорот. 
„Благодарение на силното и решително раководство на претседателот Трамп и сите во групата, ударите врз Хутите беа успешни и ефективни. 
„Терористите беа убиени, и тоа е она што е најважно за претседателот Трамп“. 
И покрај нејзините тврдења, меморандум на американската влада денеска сугерираше дека Сигнал не е одобрена услуга за разговор за официјалните лица. 
Американските медиуми посочуваат и дека во овој разговор бил вклучен и клучниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој ги води американските преговори за прекин на огнот меѓу Украина и Русија и тоа во момент кога претстојувал во Москва. ссм/

фото: принтскрин Атлантик

 

QËNDRONI TË LIDHUR