• e mërkurë, 26 mars 2025

Владата на Гренланд демантира дека поканила американска висока делегација

Владата на Гренланд демантира дека поканила американска висока делегација

Нук, 25 март 2025 (МИА) – Владата на Гренланд денеска го демантираше американскиот претседател Доналд Трамп дека американска делегација, вклучително и сопругата на потпретседателот Џеј-Ди Венс, Уша, биле поканета да го посети островот.

Владата на автономната данска територија на Фејсбук негираше дека упатила приватна или официјална покана. Во објавата се наведува дека тоа е преодна влада и се чека формирањето на нова, при што ги повика сите земји да го почитуваат тоа.

Трамп вчера изјави дека е упатена покана за посета на Гренланд, но не наведе од кого. Тој посетата ја опиша гест на пријателство.

Претходно, во американското соопштение се наведуваше дека Уша Венс заедно со едно од нејзините три деца, ќе бидат дел од американската делегација, која на Гренланд ќе престојува од четврток до сабота. Во агендата беше наведено дека ќе „посетат историски локалитети“, „ќе дознаат за наследството на Гренланд“ и ќе присуствуваат на националната трка со кучиња на Гренланд.

Премиерот на Гренланд, Муте Б. Егеде претходно ја осуди најавената посета на американска делегација, нарекувајќи ја „многу агресивен потег“.

Премиерката на Данска, Мете Фредериксен изјави дека посетата на американската делегација не е нешто што Гренланд го сака или му треба. Според неа, Данска и Гренланд се под неприфатлив притисок.

Ова е притисок што ќе го издржиме, истакна Фредериксен за Данската јавна телевизија.

Во јануари во посета на Гренланд беше синот на американскиот претседател, Доналд Трамп Помладиот.

За време на неговиот прв мандат, Трамп размислуваше да го купи најголемиот остров во светот, иако Данска инсистираше на тоа дека Гренланд не е на продажба. Граѓаните на Гренланд, исто така, решително ги отфрлија плановите на Трамп. Откако се врати во Белата куќа, Трамп неколку пати изјави дека САД ќе ја преземат контролата врз Гренланд. ми/

фото: Икс

QËNDRONI TË LIDHUR