• e enjte, 20 mars 2025

Отава ја критикува Кина за егзекуција на четворица Канаѓани поради трговија со дрога

Отава ја критикува Кина за егзекуција на четворица Канаѓани поради трговија со дрога

Отава, 20 март 2025 (МИА) - Канада денеска соопшти дека Кина егзекутирала четворица канадски државјани поради шверц со дрога и остро ја осуди употребата на смртната казна од страна на Пекинг.

Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли изјави дека сите четворица имаат двојно државјанство и додаде дека Отава ќе бара попустливост за другите Канаѓани кои ќе се соочат со истата судбина.

Во исто време, канадското Министерство за надворешни работи соопшти дека Роберт Шеленберг - Канаѓанец осуден на смрт во 2019 година за трговија со дрога - не е погубен.

Односите меѓу Канада и Кина драматично се влошија во 2018 година кога Менг Ванчжоу, финансискa директорка на кинеската телекомуникациска компанија Хуавеј, беше приведена во Ванкувер, на барање на Вашингтон. Менг беше ослободена во 2021 година.

- Борбата против злосторствата поврзани со дрога е заедничка одговорност на сите земји, изјави денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

Таа ја повика Канада „да го почитува духот на владеењето на правото и да престане да се меша во кинескиот суверен судски систем“.

Мао додаде дека „Кина ги третира обвинетите подеднакво без разлика на нивната националност, постапува со нивните случаи праведно и строго и дека ги штити нивните права“.

Во соопштението на кинеската амбасада во Отава се наведува дека Канада дала неодговорни изјави.

„Кина отсекогаш наметнувала строги казни за злосторствата поврзани со дрога и одржува став  на 'нулта толеранција' кон проблемот со дрогата“, соопшти Амбасадата. паг/

Фото: МИА архива

 

 

QËNDRONI TË LIDHUR