Најмалку 16 луѓе загинаа во експлозија во Сирија
- Најмалку 16 луѓе загинаа во експлозија во сирискиот град Латакија, соопшти синоќа цивилната одбрана позната како Бели шлемови
- Post By Марина Илиевска
- 09:27, 17 mars, 2025

Дамаск, 17 март 2025 (МИА) – Најмалку 16 луѓе загинаа во експлозија во сирискиот град Латакија, соопшти синоќа цивилната одбрана позната како Бели шлемови.
Припадници на Бели шлемови пронашле 16 тела, меѓу кои пет жени и пет деца. Експлозијата се случуи во магацин за метален отпад, при што се повредени 18 лица. Други детали не се соопштени.
ОН во февруари соопшти дека околу 100 луѓе биле убиени од експлозивни направи во изминатите 13 години од војната во Сирија.
Од соборувањето на сирискиот претседател Башар Асад во декември, повеќе од 1.400 неексплодирани средства се безбедно отстранети низ цела Сирија, а идентификувани се 138 мински полиња и контаминирани области во Идлиб, Алепо, Хама, Деир Езор и Латакија.
Претходно, Министерството за одбрана на Сирија го обвини Хезболах, поранешен сојузник на соборениот претседател Башар ал Асад, дека киднапирал и егзекутирал тројца сириски војници, откако ги однел во Либан.
- Група од милицијата на Хезболах … киднапираше тројца припадници на сириската армија на сириско-либанската граница … потоа ги одведе на либанска територија и ги уби, се наведува во соопштението на сириското МО.
Во соопштението се посочува дека се преземаат „сите неопходни мерки по оваа опасна ескалација на Хезболах“, прецизирајќи дека тоа се случило во близина на браната Зеита, западно од Хомс, во централна Сирија.
Хезболах негира дека учествувал во судири со сириските безбедносни сили на сириска територија. ми/
фото: МИА архива