• e premte, 08 nëntor 2024
МИА Флеш

2 октомври 2024

- Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја посети НУ Национална опера и балет, при што напомена дека ќе следат повеќе интервенции во оваа институција. Ќе се интервенира во делот на ателјето, а распишан е и тендер за интервенирање на главниот влез и целото фоаје. Исто така, за 2025 година се најавува дека ќе се вложат повеќе средства за репертоарнота политика на НОБ.

-Ова е најстарата институција во Македонија од овој вид. Денеска бев во обиколка на поголемиот дел од просториите на НОБ, во просториите на вработените, но и во делот кај што ни доаѓа публиката. Разликата што можам да ја видам од пред две години до денес е многу голема, бидејќи директорот на институцијата има направено повеќе интервенции и во самиот изглед на установата, но и во делот на подобрување на условите на вработените. Директорот е пример како во рок од сто дена може да се направат суштински промени во една голема и обемна институција. Првото нешто што го имате е впечатокот кога ќе се влезете во службениот влез, има сосема нов лик направен со сопствени средства, со донации, со спонзорства, изјави Љутков за време на неговата посета.

-  Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека на 10 октомври ќе има комплетен отчет за сработеното од страна на Министерството за култура и туризам, а неколку дена потоа, на посебна прес-конференција ќе ги обелодени следните чекори за повторно ставање во функција на Универзалната сала.

Тој денеска за време на неговата посета на НУ Национална опера и балет, на новинарско прашање кога ќе се стави во функција Универзалната сала, посочи дека истата е преземена незаконски, а подетално објаснување најави веднаш после 10 октомври.

– До крајот неделава се очекува шест  министерства да ги достават извештаите од комисиите кои прават евалуација на предлог-проектите со кои општините се јавиле на повикот за реализација на капитални и инфраструктурни проекти кои би се финансирале од централниот буџет. Најмногу предлози стигнале за реконструкции на улици и патишта и за проекти од областа на животната средина.

Повикот на Министерството за локална самоуправа  беше објавен на 5 септември и до крајот на рокот пристигнале 358 апликативни формулари од 80 општини. Со повикот, до крајот на годинава општините ќе имаат на располагање шест милијарди денари, а ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти.

- Поради вдишување на чад од пожарот во Чаир до 06:30 часот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување помош се јавиле неколку лица, од кои еден пожарникар и еден полициски службеник, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму дополнуваат дека во 06.30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден нив немал повреди. 

- На 02.10.2024 во 01:55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на улица „Серава“ во Скопје. На лице место упатена е екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението на МВР.

– Граѓаните најмногу се жалат на недостапност на услуги кои би требало да ги добиваат од јавните институции, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински откако на прес-конференција посветена на отчет во неговиот ресор соопшти дека во изминатите 100 дена е отворена платформа „Сподели“ на која граѓаните  можат да му се обратат на мејлот spodeli@mls.gov.mk  за каков било  проблем, предлог, критика и идеја.

Како што рече, тоа е негова лична заложба и посебен фокус со цел тој во улога на медијатор да се обиде да посредува во решавање на нивните проблеми.

- Стереотипите, традицијата, културата и верата се само некои од предизвиците со кои се соочуваат жените во земјава. Според статистиката, иако на исти позиции со мажите во однос на работата, тие земаат пониски плати, особено ако станува збор за раководни функции, беше речено пред почетокот на Женскиот економски форум (ВЕФ) - Балкан 2024 што се одржува денеска и утре во Скопје.

Учесниците испратија порака дека видливоста на жените мора да се зголеми со оглед на нивната исклучително битна улога во општеството. Нагласена беше и потребата од воведување системски мерки за поставување повеќе жени на раководни позиции.

- Зајакнување на дигиталната подготвеност и капацитет во бизнисите и јавните организации ќе овозможи ДигитМак - Дигиталниот центар за иновации кој што беше промовиран денеска на симпозиум „Иднината на дигиталните иновации – симпозиум за соработка со академијата и индустријата“ на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во изјава за медиумите по воведното обраќање на настанот истакна дека овој дигитален иновациски хаб има потенцијал да ги зголеми соработката помеѓу бизинис секторот и академијата и во исто време да им ги даде потребните алатки, знаења и вештини на приватниот сектор за да се дигитализира и вклучи во големиот преоект на Владата „Смарт Македонија“. Целиот овој комплекс на активости со дигитализација на приватниот сектор и во јавниот сектор со дигитализација на услугите, на инфраструктурата и на институциите е од исклучително значење за државата.

- Наследивме целосно девастирано Министерство, во долгови, неисплатени плати, заостанати субвенции, целосно закочени проекти и сериозни сомнежи за криминал на претходното раководство. Наследивме хаос и тотално безредие, но изговори не смее да има. Наша обврска е да ги подобриме работите. Ова е Влада на земјоделците, ќе докажеме дека тие се нашиот партнер и заедно ќе ги креираме агро политиките, рече денеска ресорниот министер Цветан Трипуновски на прес-конференција по повод сработеното во изминатите 100 дена.

Според него, сто дена е мал период за Владата да покаже дека е насочена кон решавање на проблемите на земјоделците.

- Владата веќе ги утврди чекорите како ќе се справува со нелегалното онлајн коцкање, кое ќе биде нејзин примарен приоритет во наредниот период, бидејќи тоа е многу раширено кај младите во општеството, а наскоро ќе бидат претставени и активности што ќе бидат презмени, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

-Прво, нашите најмлади се зафатени од оваа болест без никаква контрола, ниту се знае дали користат туѓи лични карти, па се пријавуваат за да играат, ниту се знае колку средства користат, ниту се знае каде се излеваат тие средства, ниту каде се користат тие средства понатаму – дали се за финансирање на некои други нелегални активности, но пред се ова што ни се случува е болест на македонското општество. И справувањето со ова ќе биде примарна задача на Владата во наредниот период, рече Андоновски на новинарско прашање по отворањето на симпозиум и промоција на Дигит Мак.

- Политиките коишто ги водеше и силниот кредибилитет на Народната банка придонесоа за закотвување на инфлациските очекувања и стапката на инфлација од 19,8 отсто во 2022 година, се сведе на 2,2 отсто во август годинава. Ова беше посочено од директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер, кој на маргините на Десеттата меѓународна конференција на високо ниво, во организација на Народната банка, се сретна со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Беше посочено дека еден од најважните фактори за отпорноста на централната банка е нејзината независност. Како што истакнува Камер, независноста на централните банки е витално јавно добро, коешто мора да се чува и да се зајакнува. Во оваа смисла, тој ја истакнува нашата земја како импресивен пример, нагласувајќи дека создавањето на независната Народна банка во 1992 година било клучно за намалувањето на хиперинфлацијата од раните деведесетти години, додека денеска Народната банка, според новиот индекс за независноста на централните банки на ММФ, е рангирана на многу високо ниво.

 – Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Аиво Орав вели дека во регионот на Западен Балкан има штетни наративи кои ги нагласуваат, но и ги поттикнуваат поделбите, јави дописникот на МИА од Приштина.

На отворањето на конференцијата на Европската унија за медиумска едукација што се одржува во Приштина, на тема „Конструктивно новинарство: јакнење на информираните и резистентни општества“, Орав истакна дека ЕУ е посветена на градење медиумски пејзаж кој е силен, моќен и одговорен.

- Министерството за одбрана на Албанија соопшти дека веднаш одговорило на барањето на грчките власти за помош во гаснењето на пожарите во близина на крајбрежниот град Ксилокастро на полуостровот Пелопонез, на околу 120 километри западно од Атина.

- Под координација на Агенцијата за цивилна заштита и Европскиот механизам за цивилна заштита, во противпожарните операции во Грција се вклучени 30 пожарникари и пет противпожарни возила од Албанија, стои во соопштението.

– Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин изјави дека економски и политички Германија е меѓу главните партнери на Косово, бидејќи, како што вели, германската држава верува во иднината и потенцијалот што го има земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На отворањето на Вториот германско-косовски економски форум што го организира Германско-косовската стопанска комора во соработка со Источниот комитет на германската економија, Сарацин рече дека сите земји од Западен Балкан треба да настапат заедно на пазарот на ЕУ.

- Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека таа земја може да произведува четири милиони беспилотни летала годишно и со голема брзина да го зголеми производството на друго оружје.

Обраќајќи им се на шефовите на десетици странски производители на оружје во Киев, Зеленски рече дека Украина веќе има договорено производство на 1,5 милиони беспилотни летала оваа година.

- Повеќе од 500 авиони вредни 10 милијарди долари останаа во Русија по февруари 2022 година, а западните закупувачи успеаја да вратат само дел од авионите.

Повеќето од нив останаа во Русија и сега ги користат руските авиокомпании. Одржувањето на овие авиони е многу скапо, па нивните сопственици, главно компании за изнајмување авиони, се обидуваат да обезбедат плаќање од осигурителните компании. Сопствениците на авиокомпаниите сега ги тужат британските осигурителни компании AIG, Chubb и Lloyd’s, обвинувајќи ги дека не ги покриле долговите.

- Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска соопшти дека ситуацијата на Блискиот Исток се движи во алармантна насока и ги повика сите страни на воздржаност.

Песков наведе дека Русија има контакти со сите страни во конфликтот и ја осуди секоја акција што предизвикува цивилни жртви.

- Со инвестирањето во меѓународните партнерства, Европската Унија се обидува да се позиционира во се посложениот меѓународен пејзаж, се оценува во Документ за напредокот постигнат на полето на меѓународните партнерства на ЕУ, што денеска го усвои Европската комисија.  

- Во изминатите пет години, ЕУ го обнови својот модел на соработка, како одговор на еволуирачкиот геополитички и геоекономски пејзаж и на глобалните предизвици, пред се на растечкиот јаз во постигнувањето на целите за одржлив развој, се наведува во Документот на ЕК за градење одржливи меѓународни партнерства преку иницијативата „Тим Европа“.

- Врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хамнеи, денеска се сретна со група високи државни претставници во Техеран и притоа за тензиите и регионалните војни на Блискиот Исток ги обвини „САД и некои европски земји“ кои „лажно тврдат дека носат мир и спокојство во регионот“.

Тој им порача да „се изгубат од регионот“ за земјите од регионот да живеат во мир.

 

QËNDRONI TË LIDHUR