• e shtunë, 09 nëntor 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

8 ноември 2024

Скопје- Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец присуствуваше на брифинг на кој беше презентиран процесот за воведување во оперативна употреба на лесните оклопни возила „Stryker“ во рамките на Армијата.

На брифингот , како што соопшти Министерството за одбрана, присуствувале и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорката на САД во нашата земја, Ангела Агелер и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

-Набавката на овие оклопни возила е во рамките на процесот за модернизација на Армијата и согласно плановите првите возила од овој тип треба да пристигнат во нашата држава следната година, информираат од Министерството за одбрана.

Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Геолошкиот завод беа домаќини на работен состанок со делегација од Естонија, во чиј состав се истакнати експерти од геолошката и рударската област. Фокус на состанокот, како што соопшти Министерството, беше размената на идеи и иницијативи за продлабочување на соработката, како и споделувањето добри практики во регулирањето и развојот на овие сектори, со акцент на зајакнување на правната рамка и институционалната размена на знаења.

Министерката Сања Божиновска истакна дека Македонија е решена да ги унапредува регулаторната рамка и практиките во рударството и геологијата, со цел исполнување на највисоките европски стандарди и одржлив развој на индустријата.

-Наш приоритет е да изградиме отпорен и одржлив рударски сектор, усогласен со нашите еколошки и економски цели, рече министерката Божиновска.

Претставникот на естонската делегација, Сирли Сип Кули, директор на Геолошкиот завод во Естонија, изрази воодушевување од македонската регулаторна рамка во оваа област.

-Навистина сме импресионирани од силната правна рамка која Македонија ја има воспоставено во овој сектор. Се надеваме дека ќе ги искористиме вашите искуства за подобрување на нашето законодавство во областа на геологијата и рударството, рече Кули.

Скопје - Во Европската Унија повеќе нема ниедна дилема дека земјите од Западен Балкан треба да станат членки на ЕУ. Ова е став на европратеникот и известувачот за Северна Македонија во Еврпопскиот парламент, Томас Ваитз, искажан на средбата во Брисел со вицепремиерот  задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, информираат од неговиот кабинет.

Известувачот Ваитз рекол дека Северна Македонија треба да го искористи моментот создаден поради руската агресија против Украина и да направи се што е во нејзина моќ да ги отвори преговорите со цел брзо членство во ЕУ. Тој ветил дека ќе направи се што е во негова моќ и на Европскиот парламент да го оствари ова заедничка цел.

Скопје – Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните, за пронајдена угината дива птица од водните видови (патки, гуски и слично) да ја известат АХВ лично (во Централа или во подрачните единици на Агенцијата), на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или на info@fva.gov.mk), или ветеринарните друштва.

Доколку станува збор за други видови угинати птици и за изолирани угинувања, тоа треба да го пријават на јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на лешовите.

Апелот на АХВ доаѓа по неодамнешните случувања кого во Скопје, две угинати диви птици, во два изолирани случаи, беше потврдена болеста птичји грип (авијарна инфлуенца).

Од АХВ појаснуваат дека болеста авијарна инфлуенца, иако станува збор за зооноза, во вакви случаи, не претставува сериозна закана за ширење на болеста, ниту кај птиците ниту кај луѓето.

- Болеста се шири преку директен контакт со заразени птици или секрети од истите, особено фекалии. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува одгледувачите на живина дека задолжително е пријавувањето на промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината, до надлежен официјален ветеринар или ветеринарно друштво, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувалиштето, велат од АХВ.

Скопје– Државната комисија за спречување на корупција денеска донесе одлука да иницира постапка до надлежните органи во врска со употреба на буџетски средства за приватни цели на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

На денешната седница од Комисијата информираа дека ги потврдуваат наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели при службеното патување на поранешната министерка во Велика Британија и Ирска по повод 30 години дипломатски односи.

- Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи, рече членот Зоран Богоевски. 

Скопје- СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднело кривична пријава против Б.К.(39) од Струмица поради постоење на сомнение дека сторил кривични дела „злоупотреба на службена должност“ по член 353 и „примање поткуп“ по член 357 од КЗ.

Како што соопшти МВР, пријавениот Б.К., референт во Јавно претпријатие „Национални шуми“, подружница Беласица – Струмица, се сомничи дека во претходните шест години, континуирано секој месец, лично или со посредство на друго лице, барал и добивал паричен надомест од жител на струмичко село, кој требало да добие дозвола за сеча на дрва.

Исто така, лицето за да добие дозвола за сеча на дрва плаќало и други услуги во корист на осомничениот. Откако ќе добиел надомест, пријавениот се јавувал на лице кое требало да ја издаде дозволата за сеча на дрва на планината Огражден, за да му биде изготвена и дадена на лицето, стои во соопштението.

Будимпешта– Соединетите Американски Држави, кога ќе бидат предводени од Доналд Трамп, ќе го „напуштат“ конфликтот во Украина, а Европа сама не може да го финансира Киев во оваа војна, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

- Американците ќе ја напуштат оваа војна, пред сè нема да поттикнуваат конфликт, изјави Орбан за државното радио пред продолжението на неформалниот самит на лидерите на ЕУ во Будимпешта.

Тој додаде дека Европа не може сама да ја финансира Украина и покрај тоа што, како што наведе, „некои сè уште сакаат да продолжат да испраќаат огромни суми пари во оваа изгубена војна“.

Орбан додаде дека има и „онакви што молчат“ и дека „расте бројот на оние кои претпазливо велат дека треба приспособување на новонастанатата ситуација“.

Премиерот на Унгарија вчера на отворањето на дводневниот самит на Европската политичка заедница во Будимпешта изјави дека мора да се најдат начини за враќање на мирот во Европа.

Брисел- Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објавија дека телефонски му ја честитале на Доналд Трамп на изборот за претседател на САД. 

- Повторно преку телефон му честитав на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. ЕУ и САД споделуваат заеднички вредности и интереси. Подготвени сме да ги продлабочиме односите ЕУ-САД на сите полиња, објави Мишел на Икс.  

Тој во објавата натаму нагласува дека во телефонскиот разговор ги истакнал приоритетите на ЕУ во однос на економијата и геополитичката ситуација, пред се околу Украина и Блискиот Исток.  

- Ќе продолжиме да ја правиме Европа посилна и да инвестираме повеќе во нашата одбрана и безбедност, додаде Мишел во објавата. 

И Фон дер Лајен на Икс објави дека имала „одличен телефонски повик“ со Трамп и дека му честитала за изборната победа.  

Будимпешта - Европските лидери и во иднина ќе продолжат да работат добро со американскиот претседател, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тој додаде дека ЕУ мора да остане силна во услови на конфликти во Европа и на Блискиот Исток.

-Ќе продолжиме да работиме добро со следниот американски претседател. Прашањето како тоа може да се постигне беше тема на нашата дискусија, рече тој по состанокот со другите европски лидери во Будимпешта.

„Едно е јасно. Заедно, како Европска унија и како Европејци, мора да го направиме она што е неопходно за нашата безбедност“, рече германскиот лидер откако Доналд Трамп беше реизбран за претседател.

Бејрут- Либанскиот Хезболах денеска објави дека истрелал ракети врз израелската поморска база во близина на Хаифа, во северен Израел, во вториот таков напад во последните 24 часа.

-Тоа е одговор на нападите и масакрите извршени од израелскиот непријател во Либан, рече Хезболах, прецизирајќи дека цел била поморската база Стела Марис северозападно од Хаифа.

Хезболах вчера објави дека ја нападнало таа база со ракети, наведувајќи ги истите причини.

Во одвоено соопштение Хезболах наведе дека денеска истрелал ракети врз воздухопловната база Рамат Давид, која се наоѓа на околу 45 километри од израелско-либанската граница.

Ерусалим – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го осуди како однапред смислен антисемитски напад, синоќешното насилство врз израелските навивачи во Амстердам по натпреварот од Лига Европа меѓу Ајакс и Макаби од Тел Авив.

Во телефонски разговор утринава со неговиот холандски колега Дик Шоф, Нетанјаху рече дека „со најголема сериозност гледа на антисемитскиот напад со предумисла врз израелските граѓани и побарал зголемена безбедност за еврејската заедница во Холандија“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.

Холандскиот премиер Дик Шoф ги осуди антисемитските напади врз Израелците во Амстердам на Х, рече дека е ужаснат и оти тоа што се случи е неприфатливо.

QËNDRONI TË LIDHUR