• e enjte, 17 tetor 2024

МВР-билтен (ДПЛ)

МВР-билтен (ДПЛ)

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - На 15.10.2024 во 17:30 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Гевгелија ги лишиле од слобода К.М.(26) од село Пирава, Валандовско, со престој во Гевгелија и И.Џ.(37) од Гевгелија. При преглед на патничко возило „ауди“ со валандовски регистарски ознаки, во кое биле затекнати двајцата, биле пронајдени кристална материја, најверојатно амфетамин и дигитална вага. Поради сомнение за поврзаност со нив во вршење на кривичните дела, од слобода бил лишен и А.М.(44) од село Тимјаник, Неготинско, со престој во Гевгелија. Подоцна, со наредба на судија од Основен суд Гевгелија, бил извршен претрес во нивните домови, при што во домот на К.М. била пронајдена кафеава прашкаста материја и луле за користење на марихуана, а во домот на И.Џ. била пронајдена марихуана и предмети со остатоци од марихуана. Истиот ден во 23.30 часот, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Валандово го лишиле од слобода и С.К.(44) од село Удово, Валандовско. Во неговиот дом, со судска наредба, бил извршен претрес и биле пронајдени марихуана и предмети со остатоци од марихуана. Лицата биле задржани во полициските станици во Гевгелија и Валандово, за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по негово документирање против К.М., И.Џ., А.М. и С.К. ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.10.2024 во 15.30 часот во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Л.А.(64) од Кичево поради сомнение дека е сторител на кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик. Со судска наредба, бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени поголема сума пари во различни валути и апоени, златен накит и други предмети. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 15.10.2024 во 08.15 часот во СВР Скопје, Ц.Г.(41) од Скопје пријавил дека од заталкано зрно од огнено оружје му било оштетено неговото патничко возило „опел корса“ со скопски регистарски ознаки, паркирнао во неговиот двор на подрачјето на Кисела Вода. Извршен бил увид и се преземаат мерки на расчистување на случајот.

На 15.10.2024 во 08.45 часот во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го лишиле од слобода В.З.(24) од Кочани затоа што физички нападнал малолетник од Кочани и агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија, а откако бил приведен во полициска станица физички нападнал еден од нив. По преземени мерки било утврдено дека тој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна, по што бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Куманово за издржување на казната.

На 15.10.2024 во 16.40 часот во СВР Скопје, Т.М.(43) од Скопје пријавил дека на 14.10.2024 околу 16.30 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од неколку лица кои му одзеле мобилен телефон и пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.10.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје, С.Н.(67) од село Романовце, Кумановско, пријавил дека на 10.10.2024 околу 12.50 часот на подрачјето на Гази Баба, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.10.2024 во 20.30 часот во СВР Скопје, А.К.(43) од Скопје пријавил дека околу 19.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од едно лице, кое употребило и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.10.2024 во 18.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода настанал пожар во магацински простор на приватна фирма. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

На 16.10.2024 во 04.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Жил Верн“ во Скопје настанал пожар во патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на В.Б.(34) од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен.

Во СВР Скопје било пријавено дека на 14.10.2024 околу 03.25 часот во село Долно Количани, општина Студеничани, било опожарено патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ј.М.(34) од истото село. Пожарот бил изгаснат од сопственикот, а повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (16.10.2024) во 10.10 часот во Полициската станица Карпош, од Јавната установа за згрижување деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение било пријавено дека во установата се вратил нивниот штитеник И.И.(14) од Битола, за кого на 14.10.2024 беше пријавено дека се оддалечил од установата.  

На 15.10.2024 околу 11.15 часот во ОВР Делчево било пријавено дека во сопствениот дом во Делчево бил пронајден починат Ј.С.(76) од Делчево. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 15.10.2024 во СВР Штип било пријавено дека на ул.„Виничка“ во Штип настанал пожар во куќа сопственост на Л.Т.(61) од Штип. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип. Увид бил извршен.

Денеска (16.10.2024) во 00.45 часот во СВР Скопје, З.Б.(37) од Скопје пријавил дека на 15.10.2024 околу 22.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров едно лице со употреба на сила му одзело мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.10.2024 во 15.15 часот во ОВР Кавадарци, С.Ц.(43) од Кавадарци пријавила дека на булевар „Кочо Рацин“ во Кавадарци, нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против Р.Ц.(59) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ во обид. На 13.10.2024 во семејна куќа во с.Лупште, поради нерасчистени имотно - правни односи, пријавениот со нож го нападнал Љ.В. од с.Челопек и му нанел тешка телесна повреда.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.С.(34), Н.С.(41), двајцата од с.Чегране, Гостиварско и против Ѓ.И.(32) од с.Тануше поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 22.08.2024, по претходна расправија, пријавените физички го нападнале Ф.К..

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(40), Е.Ј.(19), Д.Ј. (70) и малолетник, сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 17.09.2024 во Прилеп, пријавените физички го нападнале М.О., при што употребиле и тврд предмет.  

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Г.(20) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 23.08.2023 во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед над едно лице, при што била пронајдена и одземена марихуана, која претходно ја набавил од пријавениот.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.Н.(48) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 02.05.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во Битола, при што бил пронајден и одземен кокаин.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Т.Б.(29) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 21.01.2023 во Битола, полициски службеници извршиле прглед над пријавените, при што пронашле и одзеле марихуана.

СВР Велес поднесе кривична пријава против А.М.(49) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 10.08.2024, од страна на затворската полиција од Казнено - поправната установа Затвор Идризово - Отворено одделение Велес во патничко возило „цитроен ксара“, сопственост на пријавениот - осуденик во установата била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Битола поднесе кривична пријава против А.А.(20) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.03.2024 во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.И.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 11.07.2024 во Тетово, пријавениот упатувал закани на неговата сестра.  

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.А.(34) од с.Добридол, Гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во текот на април 2024, пријавениот како инвеститор на катастарска парцела во Галате, бесправно изградил објект без одобрение за градба.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.А.(64) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавениот, на имот на ул.„Гоце Делчев“, без да поседува правосилно Одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил куќа.

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против А.Б.(46) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. На 26.12.2023 во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле пиротехнички средства. На 22.08.2024, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, како и во неговата тезга на Градскиот пазар и исто така биле пронајдени и одземени пиротехнички средства. мд/

Фото: МИА архива 

 

QËNDRONI TË LIDHUR