• e mërkurë, 29 janar 2025

Левица: По иницијатива на Левица Антикорупциска го казни Таљат Џафери

Левица: По иницијатива на Левица Антикорупциска го казни Таљат Џафери

Скопје, 29 јануари 2025

Амнестираниот терорист и политички узурпатор, Таљат Џафери, е санкциониран од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако беше утврдено дека незаконски извршувал две неспоиви функции истовремено.

Постапката против Џафери беше поведена по иницијатива на Левица, која уште во јуни 2024 година поднесе претставка до ДКСК за судир на интереси поради неспоивост на функции, бидејќи Џафери истовремено беше претседател на Владата и пратеник во Собранието. Иако Левица инсистираше на итно отстранување и санкционирање на ова флагрантно прекршување на низа законски и уставни одредби, како и начелото за поделба на власта - Антикорупциската комисија реагираше дури по неколку месеци, откако фактичката состојба веќе беше изменета, и изрече, за жал, смешна глоба.

Потсетуваме дека за отстранување на оваа состојба, апелиравме и до собранискиот спикер, Африм Гаши, кој беше должен веднаш да констатира престанок на мандатот на Џафери. Но, Гаши одби да постапи по ова барање на пратеничката група на Левица, па затоа Левица му поднесе и кривична пријава за несовесно работење во службата, а дополнително - една од седумте точки на која Левица ја засноваше, за жал, неуспешната интерпелација за Гаши беше и токму ова непостапување.

Ова не е прв пат Џафери да биде санкциониран по иницијатива на Левица. Тој исто така беше казнет од Антикорупциската комисија и откако Левица поднесе претставка за неговото истовремено вршење на неспоиви функции: претседател на Собранието и член на претседателството на ДУИ.

Левица останува единствениот непокорен бастион против криминалните власти и политичката мафија! Против Џафери имаме поднесено бројни претставки, кривични пријави, иницијативи пред Уставниот суд и Интерпелација во текот на минатиот мандат. Борбата не завршува тука – ќе продолжиме да го разобличуваме секој обид за узурпација и ќе се бориме сè додека правдата не триумфира целосно.

Левица

______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR