• e premte, 05 korrik 2024

Бобан Анакиев, најмладиот изработувач на народни инструменти: Љубовта кон изворниот мелос е како непресушен извор

Бобан Анакиев, најмладиот изработувач на народни инструменти: Љубовта кон изворниот мелос е како непресушен извор

Прилеп, 5 јули 2024 (МИА) - Ја доби Гајдата на Пеце и го разлеа единствениот звук на Рудина, Долнени, како некогаш, кога се огласувале 150-тината гајдаџии во Долненскиот крај. Бобан Анакиев од Кочани ја доби Гајдата на Пеце во 2022 година на 48-то издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што се одржува во Прилеп и на Рудина, Долнени.

Анакиев и свири, и изработува народни инструменти. Гајди, кавали, а и кеманиња. Занаетот го учел од народни изведувачи, но и од мајстори, потврдува професорот Горанчо Ангелов од Музичката академија на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој е и во организациониот одбор на Фестивалот. Анакиев е, вели Ангелов, најмладиот изработувач на народни инструменти кај нас. Прво го изработил ќемането, па тамбурата, па на ред дошла гајдата за која смета дека е посложен инструмент за изработка.

Бобан беше дел и од учесниците на фестивалскиот Семинар за изучување на народните инструменти. Желбата и љубовта одамна, од 13-годишна возраст ја носи со себе. Студира на Музичката академија во Штип.

-Многу ми значи што ја добив гајдата на Пеце на Фестивалот. Ја сакам изворната музика, ги сакам народните инструменти и ова е потврда на тоа што го работам со љубов, рече Анакиев кога ја доби драгоцената награда, врвно признание од Фестивалот за изведувачот.

Млади и стари. Нема генерациски разлики во љубовта спрема изворниот мелос. Такви вљубеници, како Бобан Анакиев, ќе ги сретнете секоја година во почетокот на јули, на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој годинава слави голем јубилеј – 50 години негување, одржување и пренесување на љубовта спрема изворниот мелос на помладите генерации. Од колено на колено, од генерација на генерација. Досега учествувале преку 15 000 учесници од целата држава и од странство.

Голем поттик за генерациите вљубеници во изворниот мелос се зборовите на Пеце Атанасовски, големиот гајдаџија кој е главниот иницијатор за Фестивалот што го носи неговото име, но и за промоцијата на земјата со богатиот фолклор.

- Мислам дека, ако си ја сакаме традицијата, треба сите да направиме малку повеќе да живеаат народните инструменти и песни, да живее тоа што е наше народно обележје, останато од дедо, прадедо, ќе рече своевремено Пеце Атанасовски.

Фестивалот „сериозно“ ја сфати обврската да биде „заштитник“ и чувар на фолклорот.

Што вели научната мисла: Ги оправдува ли фестивалот своите заложби?

Етномузикологот и уметнички директор на Фестивалот, Родна Величковска има потврдна констатација.

- Целта на Фестивалот, пред сѐ, се состои во автентичното презентирање на изворниот музички фолклор кој, сѐ уште, претставува жив сведок на една многу богата музичко-фолклорна традиција која, како дел од усното творештво на македонскиот народ со векови, автентично се пренесува од поколение на поколение, вели Величковска.

За Горанчо Ангелов од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Фестивалот, иако трае два дена во годината, има големо влијание во музичкиот фолклор.

- Фестивалот, несомнено, овозможува на едно место да се видат изворните инструменти, да се слушнат изворните песни и ора кои од дамнина се создавале на територијата на Македонија. Ова се причините за огромната улога што Фестивалот „Пеце Атанасовски“ ја има во зачувувањето на старата музичка традиција, смета Ангелов.

Етнокорелогот Горан Василески од Институтот за старословенска култура од Прилеп ја нагласува идејата да се изучува традиционалната култура уште во основното образование, зашто Фестивалот сам не може да зачувува без општествената поддршка.

-Обичаите не се напуштаат, но со текот на времето доживуваат одредени трансформации. Изучувањето на традиционалната култура да биде како посебен предмет каде ќе се обработуваат традиционалните обичаи, носиите, инструментите, песните, ората. Со тоа ќе им се даде правец на децата да увидат од каде потекнуваат, какви обичаи имаат, какво културно наследство поседуваат и, што е најважно, да ги согледаат традиционалните вредности на своето опкружување. Етномузиколозите и фолклористите, како медијатори меѓу населението, централната или локалната власт, да ги поттикнуваат луѓето да ги продолжат традиционалните обичаи кои веќе се во изумирање, објаснува Василески.

И уште нешто, не помалку значајно во нашата сторија за значењето на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, за ентузијазмот и љубовта на младите генерации спрема изворниот фолклор. Пандемијата не ги прекина нитките и за одржувањето на Фестивалот и за љубовта спрема фолклорот. И со сите мерки за претпазливост, не се наруши Фестивалскиот континуитет, ниту желбата и на најмладите и на возрасните да бидат дел од изворната фолклорна традиција.

-И покрај сѐ, ниту се наруши континуитетот на Фестивалот, ниту откажаа тие што можеа, иако се настапуваше во мали состави. Изведувачите од цела Македонија достојно се претставија во „пандемиско“ време. Ревијално, главната награда, „Гајдата на Пеце“ ја доби 9-годишниот гајдаџија Теодор Грујоски од Битола, вели етнокореологот Стојанче Костов.

Милозвучно е да се слушне потврдата за неизмерната љубов кон изворниот фолклор, вековната традиција, идентитетот на еден народ. Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој ја „изоде“ петтата деценија не покажува знаци на старост, а учесниците, од најмлади до највозрасни, не споменуваат дека се намалила љубовта кон народниот, изворен мелос. Навраќајќи се на ентузијазмот на младиот Бобан Анакиев, ем да свири, ем да изработува народни инструменти, се чини, не е потребна друга потврда.


Елизабета Митреска

Фото: МИА
 
 
 

 

GJITHASHTU MUND TË Pëlqejë

QËNDRONI TË LIDHUR