• e diel, 07 korrik 2024

Учесниците на 11. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн понудија идеи и видувања за решение за хотелот „Палас“ во Охрид

Учесниците на 11. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн понудија идеи и видувања за решение за хотелот „Палас“ во Охрид

Охрид, 6 јули 2024 (МИА) – Хотелот „Палас“ во Охрид изграден во далечната 1958 година, дело на реномираниот словенечки архитект Едо Михевц, беше предизвикот за кој дискутираа учесниците на 11. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн.

На собирот одржан токму во Охрид, организиран од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура, Амбасадата на Република Полска и Општина Охрид, младите архитекти презентираа инспиративни решенија за нов современ изглед на некогашниот репрезентативен угостителско-сместувачки бисер на Охридската ривиера.

Како што посочи проф. д-р Мишко Ралев, директор на Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн, учесниците на годинешната летна школа, талентирани студенти и архитекти од земјава и странство, со голем ентузијазам, знаење и имагинација одговориле на годинешниот предизвик.

- Хотелот „Палас“ е навистина импозантен, а за архитектите и крајно инспиративен објект кој заслужува да му се посвети посебно внимание и кој располага со огромен потенцијал повторно да прерасне во еден од маркантните обележја на градот Охрид и со кој ќе се освежи и збогати домашната туристичка понуда, изјави Ралев.

Од страна на учесниците на школата како решенија за повторното ставање во функција на хотелот „Палас“ се понудени две алтернативи – реконструкција на постојниот објект со негово проширување, преку примена на најсовремени стандарди и нормативи во оваа област, а втората опција е изградба на целосно нов објект согласно најновите стилови и трендови во урбаната архитектура.

И за обете опции предуслов е адаптација и проширување на постојната градежна парцела кон северната страна, за да може хотелот да одговори на потребите на посетителите и барањата од важечките стандарди кои се однесуваат на хотели од највисока категорија.

Она што беше посочено како императив во насока на изнајдување решение за објектот што веќе две децении нема епилог, е да се искористат ваквите иницијативи за да се иницира покренување активности за изнаоѓање решение, што би било во полза како на сопственикот на објектот така и за градот Охрид, граѓаните и целата туристичка понуда.

Инаку, хотелот „Палас“ е прогласен за споменик на културата и како таков е ставен под посебна заштита.

Според сегашните околности, негово уривање не е можна опција, така што решението за неговата иднина треба да се бара преку негова реконструкција. Тоа за инвеститорот значи поскапа варијанта, но со оглед што се работи за заштитен објект отворени се можности државата и институциите да се вклучат со конкретна поддршка во неговата реконструкција. аб/цр

Фото:МИА

 

QËNDRONI TË LIDHUR