• четврток, 25 декември 2025

Поради неисполнување на хигиенски услови, затворени девет новогодишни куќарки во струшката чаршија

Поради неисполнување на хигиенски услови, затворени девет новогодишни куќарки во струшката чаршија

Скопје, 24 декември 2025 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонреден инспекциски надзор во девет новогодишни куќарки во градската чаршија во Струга и издаде решенија за забрана за работа поради неисполнување основни хигиенски услови. На угостителите им се изречени парични казни од по 200 евра во денарска противвредност, а издадени се и налози за нивна регистрација во Агенцијата како оператори со храна.

- Со контролата спроведена на 22 овој месец, утврдено е дека во куќарките работеле физички лица и тоа во нехигиенски услови, односно куќарките не биле поврзани на градската водоводна мрежа, немале спроведена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, лицата немале спроведени задолжителни здравствено - санитарни прегледи, а не се почитувале ниту правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, информира АХВ.

Решенијата за времена забрана за вршење дејност ќе останат во сила до исполнување на потребните услови за работа. мч/паг/

фото: АХВ

Остани поврзан