• среда, 15 април 2026

Тркалезна маса за можноста за воведување уставна жалба

Тркалезна маса за можноста за воведување уставна жалба

Скопје, 24 март 2026 (МИА) - Подигнување на свеста и поттикнување суштински институционален дијалог за можните уставни измени и законодавни реформи поврзани со воведување уставна жалба како механизам за директна заштита на основните слободи и права пред Уставниот суд е целта на денешната тркалезната маса со наслов „Воведување уставна жалба?“, во организација на делегацијата на Европската Унија и Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Како што информираат организаторите, тркалезната маса ќе обезбеди платформа на високо ниво за размена на мислења меѓу претставници на институции, експерти и други засегнати страни во правниот сектор.

На тркалезната маса се предвидени воведни излагања од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски, премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.

Предвидено е да се одржи и прес-конференција на претседателите на Уставниот суд и на Владата, како и презентација на наодите од „Анализата за уставната жалба“, подготвена од експертски тим ангажиран во рамките на проектот финансиран од Европската Унија. Во таа насока ќе се обрати раководителот на тимот, Карстен Манке, заедно со правен експерт.

Дополнително, предвидени се излагања и стручни согледувања на темата од претставници на академската и научната правна јавност, меѓу кои професорите Тања Каракамишева-Јовановска и Јетон Шасивари.

На настанот експертите од проектот ќе ги презентираат клучните наоди и препораки, кои отвораат простор за детаљна дискусија за можноста за проширување на опфатот на правата што се штитат пред Уставниот суд, главните карактеристики на потенцијалните модели за реформи, европските искуства и нивната применливост во домашната правна рамка.

Анализата е целосно усогласена со приоритетите утврдени во стратегијата за развој на правосудниот сектор 2024 - 2028 за што организаторите нагласуваат дека претставува важен чекор кон унапредување на владеењето на правото и зајакнување на заштитата на човековите права во земјата.

Настанот се организирана во рамките на проектот со финансиска поддршка на ЕУ: „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“. бк/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан