Во галеријата ОСТЕН изложба „Соочувања“ на Стефан Младеновски
- Самостојната изложба „Соочувања“ на ликовниот уметник Стефан Младеновски ќе биде отворена вечерва во галеријата ОСТЕН во Скопје. Поставката содржи 12 дела, од кои 11 се изработени во комбинирана техника на платно, а едно е реализирано на хартија. Изложбата претставува продолжение на авторското истражување на темите поврзани со меморијата, трагата, времето и личното искуство.
Скопје, 17 септември 2026 (МИА) - Самостојната изложба „Соочувања“ на ликовниот уметник Стефан Младеновски ќе биде отворена вечерва во галеријата ОСТЕН во Скопје. Поставката содржи 12 дела, од кои 11 се изработени во комбинирана техника на платно, а едно е реализирано на хартија. Изложбата претставува продолжение на авторското истражување на темите поврзани со меморијата, трагата, времето и личното искуство.
Според концептот на изложбата, делата не нудат директни одговори, туку отвораат простор за лични и внатрешни соочувања преку слоевит визуелен јазик составен од линии, потези, бришења, гребења и премини меѓу различни материјали и површини.
Во циклусот „Соочувања“ Младеновски ја истражува границата меѓу видливото и невидливото, зачуваното и потиснатото, при што секое дело претставува посебна визуелна целина, а заедно формираат патување од темнината кон светлината и смирувањето.
Стефан Младеновски дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2020 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Досега има реализирано 15 самостојни изложби и учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и странство.
Добитник е на повеќе признанија, меѓу кои и наградата „Млад уметник на годината 2024“ на Фондацијата „Јанкуловски“.
Изложбата „Соочувања“ претставува продолжение на неговите претходни авторски циклуси „Записи“, „Архива на сеќавања“, „Непредвидливи соочувања“ и „Предвидени соочувања“, преку кои го истражува односот меѓу меморијата, присуството и личното искуство.бк/са/
фото: плакат