Мицкоски: СДСМ имаше можност да направи нешто за подобрување на животниот стандард, но дозволи рекордни стапки на инфлација од 19 проценти годишно
- -СДСМ имаше можност да направи нешто за подобрување на животниот стандард, но наместо тоа дозволи рекордни стапи на инфлација од 17, 18 и 19 проценти на годишно ниво со што беше нанесен огромен удар врз државата, посебно во периодот 2020 - 2023 година, оцени премиерот.
Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - Денес, во услови кога имаме јасна надолна линија на инфлацијата, една од најниските во Европа, под 4 отсто, со тенденција идната година да се стабилизира меѓу 2 и 3 проценти, опозицијата, во отсуство на креативна идеја и реални политики, се занимава со клеветнички напади врз Владата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој од собраниската говорница, одговорајќи на пратеничко прашање, порача дека СДСМ имаше можност да направи нешто за подобрување на животниот стандард, но наместо тоа дозволи рекордни стапки на инфлација од 17, 18 и 19 проценти на годишно ниво со што беше нанесен огромен удар врз државата, посебно во периодот 2020 - 2023 година.
Според Мицкоски, се повеќе расте довербата кај граѓаните во оваа Влада.
- Животниот стандард е битка што во континуитет треба да ја води една влада. За подобар животен стандард треба во континуитет да се бориме и да работиме. Таа битка не смеете да ја изгубите, ако ја изгубите ќе ја изгубите и довербата кај граѓаните. Од ова досега, евидентно е дека довербата расте и од избори во избори резултатите се зголемуваат. Што се однесува до нападите на опозицијата, можам само да кажам дека во состојба кога беа влада имаа можност да покажат дека тоа што го прават е правилно и дека политиките се во насока на подобрување на животниот стандард. Но, што направија? Имавме рекордни стапки на инфлација од 17, 18 и 19 проценти на годишно ниво. Тоа беа години кога се нанесе жесток удар врз стандадрот на граѓаните. Од 2020 - 2023 се нанесоа најжестоките удари врз граѓаните и државата со задолжување, безмилосно трошење, грабеж, лоши политики. Тоа е пример што ќе се изучува во учебниците - како не треба да функционира една влада. За среќа тоа е сега минато, нашата задача е тешка, но ние ја прифативме со големо чувство на државност и секој ден работиме да исправиме по нешто погрешно направено во 2020 - 2023 година, потенцира премиерот.
Тој се осврна и на последниот извештај од Евростат.
- Сакам да кажам неколку факти. Евростат пред некој ден кажа дека потрошувачката кошница во Македонија споредена со просек дефиниран како 100 проценти, е најевтина во Европа, 72 - 73 отсто. Сите во регионот, буквално, се со поскапа потрошувачка кошница од нашата. Граѓаните имаат две опции, да му веруваат на Евростат или на кошницата што ја креираат Бранимир Јовановиќ, Драган Тевдовски и Никола Попоски. Граѓаните се тие што треба да одлучат. Дека цените се високи - да, а точно е тоа и дека секој ден треба да се бориме за подобар стандард и се бориме, подвлече Мицкоски.
Прашањето го постави пратеничката Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ. мч/вј/
Фото: Принтскрин