• понеделник, 06 април 2026

Мицкоски: Во комплексот клиники „Мајка Тереза“ пуштени во употреба шест комплетно реновирани операциони сали, здравството е врвен приоритет (ДПЛ)

Мицкоски: Во комплексот клиники „Мајка Тереза“ пуштени во употреба шест комплетно реновирани операциони сали, здравството е врвен приоритет (ДПЛ)

Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје денеска се пуштени во употреба шест операциони сали, кои се дел од проектот за реконструкција на 10 операциони сали во вкупна вредност од 282 милиони денари. Реконструираните сали се на Одделот за трауматологија при Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), две на Клиниката за урологија и две на Клиниката за детска хирургија. 

- Ќе добиеме оперативен блок со светски стандарди, така што нашите млади доктори специјализанти, кои ги праќаме на обука во странство, ќе може да работат во истите услови во кои работат светските доктри. Тоа значи дека со новите методи, апаратури и оперативни сали се качуваме на ниво на светската мапа на здравствениот систем - изјави директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџановски.

Посочи дека реконструкцијата се реализира во два дела со цел да не запре давањето здравствена заштита во терцијалното здравство и да нема притисок врз листите за чекање. 

- Можам да се пофалам дека во проектот е влезена и нова хируршка сала, која се наоѓа на Ургентниот центар, која ќе помогне да се зголеми обемот на операции од типот еднодневни операции. Исто така, таа сала ќе се користи и за пациенти што имаат инфекции и на кои треба да им се извршат ампутации на одредени екстремитети. Тие пациенти ќе бидат комплетно изолирани надвор од хируршкиот блок, ќе се работат во одделна сала и нема да ги загрозат другите пациенти, кои треба да се оперираат - додаде д-р Мерџановски одговарајќи на новинарско прашање. 

Премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за здравство Азир Алиу присуствуваше на свечното пуштање на салите, најави дека за неколку месеци ќе треба да бидат пуштени и другите четири операциони сали, а на почетокот на летото се надева дека ќе се заврши и проектот во болницата „8 Септември“. 

- За неколку месеци отсега треба да бидат пуштени уште четири сали, така што го закружуваме процесот од 10 современи модерни операциони сали. Од почетокот на летото се надевам дека ќе бидеме во можност да видиме уште еден завршен проект во болницата „8 Септември“, каде што исто така ќе имаме модерни сали и со тоа ќе бидеме практично држава број еден во регионот кога станува збор за ваков тип на операциони сали. Во здравството има многу работи што треба да се прават, но потребни се и фундаментални промени како во менталитетот на политичарите така и во менталитетот на вработените. Здравството е еден од врвните проритети на Владата - рече Мицкоски.

Тој упати честитки до сите институции вклучени во реализацијата на овој проект и најави уште неколку вакви слични проекти.

- Во периодот што следува ќе се радуваме уште на неколку проекти од ваква природа, кои ќе бидат ставени во функција за заштита на здравјето на граѓаните, која е наша основна цел како Влада - потенцира премиерот Мицкоски.

Министерот Алиу рече дека салите се со светски квалитет и имаат гаранција сто години на инфраструктурата во нив. Посочи дека салите се мобилни, во нив ќе може да се вгради и телемедицина, со цел да може да има и асистенција од надвор и да се овозможи учење од далечина за да може студентите од амфитеатар да ги следат операциите, а да не бидат присутни физички во операционите сали.

- Салите се со светски стандарди. Задоволство е што нашата инфраструктура веќе се мапира на светските мапи на операциони сали - рече Алиу и појасни дека продолжуваат со реконструкција и реновирање и на преостанатите четири хируршки сали, од кои три се на Клиника за дигестивна хирургија и една нова сала на Ургентниот центар, која ќе биде наменета за еднодневни интервенции.

Потенцира дека продолжуваат и со новите инвестиции како Влада.

- Овој проект, кој опфаќа вкупно 10 хируршки сали, е во вкупна вредност од 282 милиони денари. Во процес сме на вработувања 300 доктори, кои ќе бидат дел од здравствениот систем бидејќи ние како Влада цениме дека со добар квалитет и инфраструктура може да нудиме здравствен систем во реално време и со европски квалитет и ова е уште еден чекор во таа насока - додаде Алиу. рп/вг/

Фото: МИА

 

Остани поврзан