Во Дебар лани прибрани 236 крвни единици или 67 помалку од претходната година
- Во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, минатата година реализиравме пет акции за доброволно крводарување, во кои, како и дадени едници во итни случаи, се прибрани 236 крвни единици, што е за 67 помалку во однос на претходната, или 117 помалку споредено со 2022 година. Тоа како последица на масовната миграција во регионот, изјави за МИА, Исни Телќиу, секретар на ОО на Црвен крст.
Дебар, 4 февруари 2026 (МИА) - Дебарската општинска организација на Црвен крст информираше дека минатата година во двете општини, кои ги покрива со својата активност, Дебар и Центар Жупа, прибрани се вкупно 236 крвни единици, што е за 67 помалку споредено со претходната година.
-Во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, минатата година реализиравме пет акции за доброволно крводарување, во кои, како и дадени едници во итни случаи, се прибрани 236 крвни единици, што е за 67 помалку во однос на претходната, или 117 помалку споредено со 2022 година. Тоа како последица на масовната миграција во нашиот регион, од каде во светот заминаа многу редовни крводарители, но и млади кои се потенцијал да станат доброволни крводарители, изјави за МИА, Исни Телќиу, секретар на организацијата.
Според него, иако има намалување на бројот на собрани крвни единици, Дебар останува во општините со високи бројки на доброволни крводарители, ако се има в предвид реалната бројка на жители.

Оценува дека влијание има и непостоењето на кабинет за трансфузиологија при Општата болница со проширена дејност во Дебар, кој функционираше пред повеќе од две децении.
-Доколку функционира кабинет, сите оние кои добиваат лекарска препорака дека треба да даруваат крв или покажат лична подготвеност за тоа, ќе може тука да ја подадат раката и да ја даруваат течноста што живот значи. Вака треба да патуваат до некој од соседните градови, оценува Телќиу.
До пред една деценија во Дебар се прибираа и над 800 крвни единици, но последните години просечно тоа е 300 до 400. Годишниот план е 640 крвни единици. вт/нд/
Фото: МИА