• понеделник, 23 декември 2024

​Деспотовски: Не даваме пари однапред – компанијата има рокови и обврски кои треба да ги исполни

​Деспотовски: Не даваме пари однапред – компанијата има рокови и обврски кои треба да ги исполни

Скопје, 14 август 2022 (МИА) - Со новиот концепт на ТИРЗ воведовме механизми за заштита на јавниот интерес. Апсолутно сите клиенти, и потенцијални и актуелни, поминуваат низ процес на детална проверка. Ангажираме меѓународна ревизорска куќа која во првичниот извештај за оваа компанија не индицираше никаде сериозен ризик. И самиот договор кој што го потпишавме вчера содржи заштитни клаузули. Доделувањето на државната помош зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и, секако, од исполнување на условите предвидени со договорот. Компанијата нема да добие пари однапред туку има конкретни рокови и датуми кои треба да се испочитуваат, вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ,  во врска со договорот кој вчера беше потпишан со германската компанија „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ која ќе инвестира во фабрика за производство на електрични автомобили.

Тој во вестите на Канал 5 напоменува дека државната поддршка ќе биде реализирана во наредните пет години и како што, нагласува, државата има механизми да го заштити јавниот интерес. Деспотовски посочи дека првите е.ГО автомобили од македонско производство се очекуваат во 2024 година.

-Фабриката за електрични автомобили во Тетово ќе почне да се гради на есен, а според договорот пробното производство се очекува во 2024 година. Тоа е целта која што инвеститорот согласно деловен план и потпишаниот договор од вчера има обврска да ја исполни, најави Деспотовски.

Посочува дека се работи за компанија која е тесно поврзана со техничкиот Универзитет во Ахен кој е во топ два проценти од светските Универзитети по сите глобални рангирања.

Инвестицијата на компанијата во Тетово е 130 милиони евра, а предвидено е отворање на 900 нови работни места, како и бруто плати, што во просек достигнуваат 2,5 пати над просечната во државата. Државната помош нема да надмине 35 отсто од вкупната инвестиција, а доделувањето на средствата зависи од динамиката на реализација на инвестицијата и исполнување на условите предвидени со договорот.

Компанијата нема да користи даночни ослободувања, туку во целост има обврска истите да ги плаќа кон Буџетот и јавните фондови на државата. Овој модел на државна поддршка е усогласен со регулативата во ЕУ, а е подеднакво достапен за сите странски и домашни компании. сст/дма/

 

Остани поврзан