• понеделник, 23 декември 2024

Ќучук: Да се формира младински совет меѓу Бугарија и Северна Македонија за младите да развијат сопствена иднина за ЕУ

Ќучук: Да се формира младински совет меѓу Бугарија и Северна Македонија за младите да развијат сопствена иднина за ЕУ
Софија, 9 октомври 2021 (МИА) - Бидејќи верувам дека добрососедските односи и дијалогот се формулата за успех, предлагам да се создаде младински совет меѓу Бугарија и Северна Македонија - институционален разговор со младите луѓе кои треба да развијат сопствена иднина во ЕУ, рече потпретседателот на АЛДЕ, Илхан Ќучук, кој беше домаќин на конференцијата „ЕУ - Западен Балкан: преглед и очекувања“, што се одржа во Софија, Бугарија. - Треба да се намалат тензиите и да се започне со конструктивен и ефективен разговор. Интеграцијата е тежок и долг процес, но со соодветни алатки е апсолутно возможна, потенцираше Ќучук. Тој гледа можност за разговор и смета дека интеграцијата на Западен Балкан ќе биде успех за регионот, за ЕУ и за Бугарија. - Бугарија има потенцијал и искуство, а единствениот етнички модел, воспоставен и надграден, може да послужи само како пример за земјите од регионот, рече Ќучук. На состанокот присуствуваше и комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, кој во специјална видео порака рече дека ЕУ не е комплетна без Западен Балкан, бидејќи регионот е дел од истата Европа со ЕУ. - Продолжуваме да даваме се од себе за да го забрзаме процесот на проширување и интеграција на регионот во ЕУ. Резултатите што ги постигнавме за време на Самитот ни даваат причина за гордост. Заедно се согласивме за голем број опипливи мерки поврзани со имплементацијата на Економскиот и инвестициониот план. Тој нуди значителен пакет за инвестиции, мобилизирајќи финансирање од речиси 30 милијарди евра и се фокусира на стратешките инвестиции во регионалните транспортни и енергетски мрежи, еколошката и дигиталната агенда, како и поддршката на приватниот сектор. Имаме солиден пакет амбициозни иницијативи, за кои Комисијата најави дека ќе обезбеди средства во вкупна вредност од 1,1 милијарди евра до крајот на 2021 година. Врз основа на овие приоритети, сакаме дополнително да ја зајакнеме нашата посветеност кон земјите од регионот, рече Вархеји. На конференцијата присуствуваа претседателот на МРФ Мустафа Карадаи, Мајлинда Брегу - генерален секретар на Советот за регионална соработка, Роман Јакиќ - претседател на Либералната мрежа на Југоисточна Европа, Емил Кирјас - потпретседател на Либералната интернационала и европратеничката на МРФ, Искра Михајлова. мс/бк/

Остани поврзан