• петок, 22 ноември 2024

Љутков: „Галичка свадба“ е чувар на македонскиот културен и национален идентитет

Љутков: „Галичка свадба“ е чувар на македонскиот културен и национален идентитет

Скопје, 14 јули 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, присуствуваше на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, каде што на младенците, Стефана Димитрова и Даријан Кочоски, им го честиташе бракот со најубави желби за среќна иднина.

-Оваа манифестација игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет, вели министерот Љутков.

Како што соопшти Министерството за култура, тој ги потенцира свадбарските обичаи и ритуали, богатиот колорит на народните носии, изворните песни и автентичните ора на „Галичка свадба“ како едни од најавтентичните обичаи во македонскиот фолклор и нематеријално културно добро со огромно значење за државата.

„Галичка свадба“ е атрактивна манифестација која привлекува голем број домашни и странски гости. Свадбарските обичаи започнаа вчера со обредот „фрлање три пушки“ и со „виорење на свадбениот бајрак“. Вчеравечер настап имаше и Националниот ансамбл „Танец“, кој го изведе „Тешкото“ – препознатливото оро за печалбарскиот Галичник, стои во соопштението.

Галичник и оваа година со успех ја афирмира богатата и уникатна традиција на свадбарските обреди, кои продолжија денеска на денот на венчавката на младенците во црквата во Галичник, а свеченоста ќе заврши со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, како финале на уште едно издание на единствената манифестација „Галичка свадба“, наведуваат од Министерството. нд/

Фото: Министерство за култура
 
 
 

 

Остани поврзан