• сабота, 09 ноември 2024

Јубилејна 10. меѓународна конференција во организација на Народната банка

Јубилејна 10. меѓународна конференција во организација на Народната банка

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународните финансиски институции и меѓународната академска заедница ќе зборуваат за повеќе актуелни прашања на утрешната, јубилејна, Десетта меѓународна конференција на тема „Централните банки и централнобанкарското работење во комплексно опкружување: покажување посветеност и одржување на кредибилитетот“, што традиционално ја организира Народната банка, оваа година во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ).

Како што информират денеска од Народната банка, конференцијата на високо ниво ќе ја отворат со  обраќања претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова и челните претставници на институциите организаторки, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан.

Воведно обраќање на Конференцијата ќе има и директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер. Исто така, на Конференцијата ќе учествуваат и гувернерите на Молдавија, Словенија, Хрватска, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Косово, член на Одборот на централната банка на Литванија, претседавачот на Европскиот банкарски орган, извршниот директор на Алијансата за финансиска инклузија, високи претставници на Светската банка, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Европската централна банка (ЕЦБ), како и на други истакнати меѓународни институции и академски претставници. сст/дма/

фото: Народна банка

 

 

Остани поврзан