• четврток, 04 декември 2025

Јани Бојаџи: Уметноста е постојана во своите настојувања да го промени светот

Јани Бојаџи: Уметноста е постојана во своите настојувања да го промени светот

Скопје, 19 јули 2025 (МИА) - Две натпреварувачки селекции, една студентска, една програма на филмови за деца и млади ќе опфати четвртиот Фестивал на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, кој од 7 до 12 август ќе се одржува на неколку локации во Дојран. Годинашен лауреат е српскиот актер Лазар Ристовски кому ќе му биде врачена наградата „Мето Јовановски“ за актерско достигнување во филмот. 

- Шест фестивалски денови исполнети со исклучителни филмски достигнувања селектирани од нашиот уметнички директор Небојша Јовановиќ. На публиката ќе ѝ понуди незаборавни филмски приказни кои во сѐ и на секаков начин се идентификуваат со нас и нашиот фестивал, вели директорот на фестивалот, режисерот и професор Јани Бојаџи, задоволен што фестивалот ги исполнува нивните амбиции да биде подобар од претходниот. 

Во интервју за МИА тој вели дека е среќен што амбициите стануваат реалност и од тоа „како од светот на идеите, сосема природно и сосема со убаво - со арно, се селиме во светот на стварноста“. Покрај програмата, за него е најважно што  фестивалот продолжува да се развива во професионалниот сегмент. 

- И реално погледнато, освен „Браќа Манаки“ и „Преку езерото“, ниеден друг фестивал во Македонија нема организиран фокус кон професионалните сегменти. Ние знаеме што треба да правиме. Затоа, работилницата за развој и финансирање на студентски филмови оваа година ја прошируваме со доделување грант за дебитантски кусометражен игран филм. Дополнително, имаме два мастеркласови од кој едниот е на нашиот лауреат, големиот балкански актер Лазар Ристовски кој ќе го сподели неговото искуство во уметноста на актерството на филм. Но, ќе зборува и за режијата и продуцентството во филмската и телевизиската индустрија, рече Бојаџи.

Српскиот (и ексјугословенски) актер со македонско потекло Лазар Ристовски е втор добитник на наградата „Мето Јовановски“ која лани првпат му беше врачена на нашиот актер Владо Јовановски.  

- Оваа единствена награда ја доживуваме многу емотивно. Наречена во чест на еден од најголемите актери од Македонија на Балканот, решивме да ја доделуваме на негови колеги актери, од многу причини, но една од нив, според мене, е суштествена. Да не заборавиме што му дал Мето Јовановски на македонскиот филм. И да не заборавиме дека светот на филмот не почнал од нас. Јас верувам дека единствен начин, ние како генерација, да си ја заслужиме иднината и да очекуваме да нѐ почитуваат оние по нас е ако ние ги почитуваме оние пред нас! Филмот го прават луѓе. За мене, филмот е актерот и неговото лице. А едно од најголемите и најдобрите актерски лица на македонскиот и бившојугословенскиот филм беше Мето Јовановски. Беше чест да филмуваме со него. Сега е чест и да фестивалствуваме со него, нагласува Бојаџи. 

Наградите во натпреварувачката филмска програма на претстојниот фестивал, вели,  ќе бидат малку ама одбрани. Жирито ќе додели Гран-при за најдобар филм на Медитеранот, награда за најдобар режисер, награда за најдобро актерско женско и машко остварување, награда за најдобар краткометражен  филм. И оваа година ќе има Студентско жири кое ќе ја додели наградата за најдобра медитеранска приказна. 

„Преку езерото“ е повик да не постојат граници, барем во уметноста

- Сакаме студентите да бидат жив дел од фестивалот, мотор на фестивалот, а со ова нивно жири ги подготвуваме за иднината каде што еден ден ќе се оценуваат нивните филмови. Целта ни е да ги соочиме со стварноста на светот на наградите, таква каква што е, таква каква што тие ќе ја создаваат. Ќе имаме и две забави, една на отворање и една на затворање и, секако, големо изненадување за крај, наменето за публиката од двете страни на езерото. Правиме сѐ, на последната вечер на фестивалот, како гала, надвор од конкуренција, да го покажеме најгледаниот грчки филм во последните десет години. Се работи за музичко-биографска драма за еден од најпознатите пејачи на Балканот и Медитеранот. Но, да го оставиме тоа како мал подарок за нашата публика, изјави Бојаџи кој на студентите на Универзитетот „Еуропа Прима“ им предава филм и телевизија. 

Фестивалот се одржува покрај Дојранското Езеро, а неговиот наслов веднаш нѐ потсетува на истоимениот филм на режисерот Антонио Митриќески од 1997 (кој се однесува на Охридското Езеро). Бојаџи вели дека токму тој филм – насловот и приказната биле првична асоцијација за насловот на фестивалот – да се премостат (препливаат) границите меѓу луѓето. И тие да не постојат, порачува тој, барем во уметноста и барем за време на фестивалот. 

- Да, тоа е одличен филм на еден од нашите најзначајни современи филмски автори. Публиката знае дека филмот на Антонио Митриќески зборува за тоа како еден човек, кој бравурозно го игра Никола Ристановски, ќе преплива од македонската на албанската страна од езерото за да биде заедно со љубовта на својот живот. Епска и поетска филмска приказна во исто време. Првичната асоцијација беше насловот на филмот на Антонио, но метафората, суштината беше приказната на филмот. Заради љубов да се плива кон другата страна на езерото. Да се препливаат границите. Да се победат оние невидливи меѓи што делат едно езеро и едни луѓе. Езерото не разбира дека ние луѓето сме го поделиле со граница, која дури и во нашата човечка стварност е невидлива. „Преку езерото“ е фестивал кој сака да ги преплива тие граници. Да го поттикне слободното пливање во светот на духовните вредности. Во светот на убавото. Јас знам дека светот на уметноста е немоќен пред светот на политиката. И знам дека со уметноста на филмот ние не можеме да ги срушиме тие граници. Но, уметноста во суштина е потрага по невозможното. Заради тоа, ние уметниците, секоја година, повторно и повторно се обидуваме да го направиме тоа. Што друго, впрочем, ѝ останува на уметноста освен да биде постојана во своите настојувања да го промени светот! „Преку езерото“ е повик, барем во светот на уметноста, барем за време на фестивалот, границите да не постојат. Слободата на духот како најголемото достигнување на човекот од Балканот и Медитеранот да биде безгранична и слободно да плива од едната кон другата страна на езерото, порачува Бојаџи.

Нов филмски проект – политичка драма „Утре наутро“

Режисерот открива дека овие денови ги прави завршните технички дотерувања (звук, слика и графички дизајн) на неговиот нов проект „Утре наутро“ – составен од игран филм и играна серија во пет епизоди по еден час. Се  работи, рече, за политичка драма која се занимава со последиците од настани од блиско минато и базирана на вистински настани. Провокативно е да се каже, вели Бојаџи, дека првата епизода од серијата почнува рано утрото на 27 април 2017.

- Она што можам да го кажам во овој момент ексклузивно за МИА е тоа дека филмот го следи животот на две жени и нивните семејства кои се обидуваат да преживеат во свет во кој мажите го изгубиле достоинството и правото да се наречат сопрузи и татковци. Филмот наскоро ќе има своја премиера и ќе биде прикажуван секаде низ Македонија. Тоа е нашата цел. Ние не правиме филмови со приказни кои се измислени за да се допаднат некаде таму, на некој фестивал, и да се радуваме на 10 минути фестивалска слава. Моите филмови се правени за да се допаднат на публиката во Македонија. Сѐ што правам е инспирирано и посветено на луѓето со кои живеам. Мене воопшто не ме интересира што другите мислат за мене и за мојата уметност. И не снимам филмови за да им се допаднам на луѓе кои едвај дали разбираат зошто плачеме кога е за смеење и зошто се смееме кога е за плачење?! За серијата е интересно, можеби и провокативно да се каже, дека првата епизода започнува рано утрото на 27 април 2017 година, открива режисерот. 

А дали ќе има трета сезона од неговата серија „Бистра вода“, која имаше голема гледаност, Бојаџи одговори дека луѓето постојано се интересираат за тоа и, вели:  „немам мир од ова прашање“.

- И како и сега вам, и ним не знам што да им одговорам!? Зошто не можеме да ја раскажеме до крај приказната за тајната на сонцето што дава живот? Сценариото е готово. Подготовките се направени. Мора да бидам трпелив. Трета сезона започнува во 4 век пред нашата ера. Има воени сцени. Бара сериозен буџет и прилично подготвена продукција. Има ветувања дека во финансирањето ќе се вклучат и неколку големи македонски компании. Но, сѐ уште немаме конкретно време кога може да очекуваме нова сезона на серијата која ја гледаа повеќе од еден и пол милион гледачи и отвори нова страница во македонската телевизиска продукција.

Во разговор за МИА Бојаџи зборува и за тоа како стои македонската кинематографија во однос на другите од Балканот, дали доволно се финансира филмската уметност и им се помага ли на  младите таленти да креираат филмски дела. 

Грда состојба на една уметност заробена во корупција и измами

-За жал, македонската кинематографија во последните дваесетина години е заробеник на лукративните идеи за „уметноста во нив“ на една мала група луѓе меѓусебно поврзани во бизнис, политички, социјални и семејни релации кои отфрлаат секого што не им припаѓа. Или не ги поддржува. Тие луѓе, кои ја имаа апсолутна контрола врз Агенцијата за филм и другите филмски институции и организации, ја држат во страв и заробеништво целата фела. Но, тие луѓе покажаа неспособност од епски размери да ја организираат и развиваат македонската кинематографија. Дека тоа е така зборува фактот што во последните осум години, од 2018 па сѐ до 2025 година, тие буџетот за филм го симнаа од 9 милиони на помалку од 2,5 милиони евра на годишно ниво! Само ова е доволна причина за да разберат што направиле. Или кој било друг неупатен во филмот да сфати каква катастрофа предизвикале. Не сакам да зборувам за скандалите, истрагите и обвинувањата кои меѓу себе си ги разменуваат за тоа кој е шут, а кој рогат, кој украл повеќе, кој помалку и кој колку кривични пријави имал. Грда состојба на една уметност заробена во корупција и измами! Искрено верувам во решеноста на Владата да стави крај на таа приказна. За разлика од нив, со љубов, со чесност и со посветеност во уметноста на филмот, на работ на социјална бездна, работат сите други. И тие што тоа го прават со љубов, постигнуваат резултати кои една мала кинематографија ја креваат високо на светските филмски врвови. И заради тие луѓе имаме резултати кои споредено со Балканот и Медитеранот навистина можеме да бидеме горди на македонската филмска приказна, истакнува Бојаџи. 

Како вонреден професор за филм и телевизија на Универзитетот „Еуропа Прима“, смета дека прашањето за младите таленти во филмот е особено значајно бидејќи е поврзано со нашата иднина. 

- Затоа и ја правиме Студентската програма на фестивалот „Преку езерото“. Затоа и вработуваме млади уметници од универзитетите за филм и телевизија во ТВ Алфа. За да не им ја затвориме онаа мала порта на надеж дека иднината им припаѓа ним. Мора да бидам искрен. Не знам како поинаку. Ако ние имаме Агенција за филм која во осум години направила речиси десет милиони евра долгови, а не одвоила ниту едно евро за поддршка на студентските продукции, како да очекуваме младите да гледаат перспектива во филмот, во телевизијата и новите медиуми? Ова што се правело во последните години било, може ќе бидам пресилен, но не го гледам никако поинаку освен како фрлање на сопствените деца од осми кат и очекување да преживее некое од нив!? Во Македонија во последните 20 години, во пет продукции, сопственост на четворица луѓе, по различни основи, вложени се околу 80 милиони евра, а тие продукции и тие луѓе не одвоиле ни една „жолта банка“ за еден студентски филм, за еден дебитантски филм, за еден телевизиски проект, за ништо друго освен за своите џебови! Некогаш не ми се верува како државата вложувала огромни пари во луѓе и продукции кои само земале, а ништо не му вратиле назад на општеството. Ете, во тоа е проблемот. Истите луѓе, истите работи и дваесет години истите резултати. Вие не можете да очекувате ништо повеќе од луѓе кои имале можност да направат индустрија, а тие не успеале да поддржат ниту петмина студенти, изјави Бојаџи. 

Вештачката интелигенција е нашата шанса да бидеме успешни

 Според него, првите промени треба да почнат „од промената на нашиот однос кон младите и студентите“ и апелира - „мора да направиме сѐ што знаеме за да ја вратиме нивната доверба во Македонија како земја на можности“. Смета и дека во филмската уметност треба да се биде во чекор со светскиот тренд и предлага Агенцијата за филм да отвори посебна програма за вештачката интелигенција и новите медиуми и да се променат наставните содржини. 

-Мора да им овозможиме простор за работа и развој. Тука, дома. Мора на студентите да им ја дадеме иднината со доверба дека нема да си ја фрлат од осми кат! Ние минатата година доделивме грантови за четири студентски филмови. Три се снимени. Два ќе покажеме оваа година како национални премиери. Боже, какви приказни раскажаа тие млади луѓе! Ќе им ги видите филмовите на фестивалот. Ги надминаа сите мои очекувања. Браво за сите тројца! Но, мора да разбереме дека иднината е во вештачката интелигенција која за многу кратко време ќе стане основна алатка во филмската индустрија. Веднаш, денес, сега - мора да инсистираме Агенцијата за филм да отвори посебна програма за вештачката интелигенција и новите медиуми. И, секако, да ги промениме наставните содржини. Мора итно да направиме наставни програми кои ќе бидат прилагодени на новите потреби, а кои во суштина се сведуваат на компаративно и мултимедијално образование, каде што студентите на катедрите за филм и телевизија ќе бидат обучувани да ги владеат сите сегменти на индустријата. Мора да разбереме дека времето на специјалисти и супспецијалности заврши. Дури и во медицината е така, а не, пак, во аудиовизуелната уметност и индустрија. На уметноста на филмот и на индустријата ѝ се потребни студенти и млади професионалци кои можат да работат со еднаков квалитет најмалку три позиции во филмот. Тоа веќе е пракса во светот. Мора да се прилагодиме ако сакаме да опстанеме, смета Бојаџи.

Бескрајно е убеден, вели, дека вештачката интелигенција е нашата шанса да бидеме успешни и дека ќе можеме да бидеме конкурентни со светот – „дури и со Холивуд, и со најголемите европски земји“. 

-Со вештачката интелигенција нема повеќе да бидеме зависни од бизнис, социјални и политички центри на моќ кои ќе определуваат кој ќе биде успешен а кој не. Верувам дека нашето најдобро време е пред нас. Верувам дека сега е најдоброто време да се биде млад и да се биде студент по филм, телевизија и мултимедија. И верувам дека во Македонија ова е возможно. Премиерот Христијан Мицкоски најави технолошки парк на државниот универзитет. Познавајќи го, знам дека тоа и ќе го направи. Имаме уникатна можност премиер да биде универзитетски професор. Во овој момент имаме претседател на Влада со кого може да разговараме, а тој совршено точно да разбира што е тоа што го зборуваме и сакаме да го направиме. Не знам дали ова ќе се повтори во блиска иднина и дали ние ја разбираме шансата што сега, денес реално ја имаме. Нам ни останува да ги мотивираме студентите и младите. Да им понудиме проекти. Да им произведеме можности. Сѐ друго ќе си направат тие. Јас верувам во младоста. Младоста не е хендикеп. Младоста е предност и ако сакаме прогрес, сѐ треба да вложиме во нив, дециден е Бојаџи. 

Во врска со програмата на телевизиите во државава и дали смета дека играната и културно-образовната програма се во сенка на информативната и забавната во нашиот медиумски простор, Бојаџи, кој е директор на телевизија Алфа, вели дека темата е голема за да се одговори што сѐ е потребно за сопствена продукција.

Радикални реформи за ефикасна трансформација на телевизиската индустрија

-Да ја прифатиме реалноста дека во земја со 1.8 милиони жители не можете да имате една јавна телевизија како МРТ и пет приватни национални телевизии, со буџет на пазарот на маркетинг и адвертајзинг од 20 милиони евра. Тоа е основниот фактор кој ги создава сите други проблеми во медиумската индустрија во Македонија. Оваа ситуација создава тотална девастација и е неодржлива. За да може обичната јавност да разбере за што зборувам, ќе се послужам со еден пример од енергетиката. Да имате шест телевизии во земја како Македонија е како да имате шест хидроцентрали на Црна Река! Ако го направите тоа, што може да очекувате освен тотална девастација на целиот воден потенцијал и уништување на целиот биодиверзитет во реката и околу неа. Тоа е. Етерот е ресурс. Ограничен ресурс. Исто како што е водата, земјата и воздухот. Тука нема разлика. Разликата помеѓу примерот со хидроцентралите на Црна Река и телевизиите во Македонија е во тоа што во случајот со хидроцентралите ќе уништите алги, планктони, риби и друга флора и фауна, а со телевизиите ја уништувате нацијата, човекот и неговиот дух. Но, решавањето на овој проблем зависи единствено и само од политички одлуки. И доколку политичарите донесат радикални одлуки во однос на реформите на медиумската индустрија во Македонија, можам да гарантирам брза и ефикасна трансформација на телевизиската индустрија во Македонија. И тоа ќе биде за добро на сите! Никој нема да изгуби. Сите ќе добијат. А најмногу граѓаните, консументите на телевизија и, повторно, младите. Ќе добие иднината. Мора отворено да си признаеме дека ова е илузија. Дека овие шест медиуми во Македонија, на еден од нив сум јас директор и имам споделена одговорност, не можат да функционираат во ваква реалност, истакнува Бојаџи.

Не сака да зборува за тоа, вели, дека времето на линеарната телевизија е поминато, но „Македонија е последниот мастодонт со олку терестеријални телевизии во свет во кој новите медиуми одамна го имаат земено главниот збор“.

- Реално, имаме парадоксална состојба. Тоа е исто како да градиме пруга од Солун до Скопје наменета за парен воз со брзина до 50 километри на час. Инвестираме во нешто што е прашање на ден кога ќе престане да се консумира. И така, како и со филмот, создаваме дисфункционална медиумска индустрија која наместо развој, создава загуби и долгови. Потребни ни се радикални реформи кои ќе водат кон реално вмрежување на комплементарните индустрии - а тоа се филмот, телевизијата и новите медиуми. Постојат модели, функционални во земји блиски или слични на нас и нашите потреби. На Балканот е Хрватска приближно добар модел. А вистинскиот е скандинавскиот. Сте виделе ли скандинавски филм на кој почетените кредити не започнуваат со логоата на нивните национални телевизии и големи телекомуникациски конгломерати? Како Норвешка, која во историските околности е во сѐ слична на Македонија на Скандинавскиот Полуостров, разви силна кинематографија, а посебно телевизиска индустрија на минисеријали? Со вмрежување на комплементарните индустрии. И сите добија. Сите до еден. Ние сме мала земја. Во овој случај, тоа е наша предност. Ако се покаже храброст, многу бргу ќе ги видиме конкретните резултати и медиумите од загубари можеме да ги трансформираме во економски мотор. Ова што сега го зборувам е научно докажливо. Како професор по филм и телевизија, сум истражувал, сум анализирал и сум пишувал за овој проблем. И како и сите други, наводно големи и наводно тешко решливи проблеми, тешкотиите се во умот и конформизмот на луѓето кои треба да ги менуваат работите. Треба да ја промениме парадигмата и да ги промениме луѓето кои не се подготвени за промени. Толку е само потребно за почеток. Понатаму, сѐ е лесно, вели Јани Бојаџи. 

Хатка Смаиловиќ

Фото: Јован Димоски 

 

Остани поврзан