Шекеринска: Курбиново е силен печат на македонскиот идентитет, грижата за него е силен доказ за вистинскиот патриотизам
- Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска беше во работна посета на Курбиново, каде што во тек се интензивни конзерваторски зафати со цел заштитување на нашето култ

Скопје, 10 јули 2020 (МИА) - Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска беше во работна посета на Курбиново, каде што во тек се интензивни конзерваторски зафати со цел заштитување на нашето културно богатство.
- Курбиново беше болната точка на нашата држава. Додека се трошеа парите на граѓаните на безвреден стиропор и споменици, нашиот вистински споменик на културата, традицијата и македонското средновековно сликарство, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново која опстојува 9 века, беше на работ на уништувањето. Додека целиот свет се восхитуваше на црквата во Курбиново, на фреската Ангелот од Курбиново, на фреската која е на банкнотата од 50 денари, додека се пишуваа книги и научни статии за нивната оригинална вредност, влагата го подјадуваше фрескоживописот и црквата чекаше подобри времиња. И ова се тие времиња. Го спасуваме и овој важен, вистински автентичен споменик на културата, рече таа.
Таа информира дека се започнати темелни конзерваторски зафати на средновековната црква во Курбиново.
- Ова е нашата традиција со која се гордееме пред светот. Експресивните и уникатни фрески се спасени, додаде Шекеринска.
Подвлече дека Курбиново е силен печат на македонскиот идентитет, а грижата за него е силен доказ за вистинскиот автентичен патриотизам.
- Ја вративме државата на вистинскиот пат, ја поврзавме со светот, ги вративме парите на граѓаните и го зачувавме идентитетот, додаде Шекеринска. нд/сп/