• среда, 03 јули 2024

Шахпаскa: Пратениците од опозицијата да не ги блокираат законските измени за недела ден за одмор

Шахпаскa: Пратениците од опозицијата да не ги блокираат законските измени за недела ден за одмор
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Пратениците од опозицијата треба да покажат свест за правата на работниците и да ја прекинат блокадата за да се создадат услови низ собраниска процедура да биде усвоен Предлог-законот за недела како ден на неделен одмор, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Според неа, секое доцнење значи пролонгирање на примената на ова право кое работниците го очекуваат. Таа посочува дека поради собраниските блокади и „понатаму многу работници наместо со семејствата во недела, ќе бидат на работа и дополнително за тоа нема да бидат платени“. - Ќе ја искористам оваа прилика уште еднаш да апелирам до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со кои се дефинира дека недела е ден на неделен одмор, рече министерката Шахпаска во интервју за „Утрински брифинг“. Со овој предлог закон, кој е во второ читање во собраниската постапка се овозможува 92 проценти од вработените да одмораат во недела. Ова законско решение гарантира најмалку 50 отсто повисоки дневници за работа во недела и слободен ден. Што се однесува до вработените во трговските центри, нивна дневница за работа во недела ќе биде за 100 проценти повисока од вообичаената, а работното време ќе биде од 10 до 18 часот. Предлог законското решение, посочуваат од МТСП, е донесено по широка и конструктивна дискусија меѓу работниците и работодавачите. сст/сп/

Остани поврзан