• среда, 25 декември 2024

Честитка од Трајковска до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Честитка од Трајковска до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска до Бискупот скопски и Епарх струмичко-скопски Киро Стојанов, до свештенството и монаштвото на Католичката црква во Македонија, како и до граѓаните од католичка вероисповед и до сите христијани кои празнуваат по грегоријанскиот календар, им го честита празникот Раѓање Христово (Божиќ).

- Овој празник нè потсетува на љубовта и мирот кои Христос му ги даде на светот, кога силна светлина засвети во Витлеемската пештера и ги огреа срцата на луѓето. Веста за раѓањето Христово донесе радост и надеж кај оние кои страдаа, и е потсетник да ги прифатиме овие вредности и ние во нашите животи, особено за време на овој голем верски празник. Како што запишал големиот евангелист Јован во Библијата: „Светлината во темнина свети и мракот не ја опфати“ така светлината на овој голем празничен ден нека ги стопли Вашите домови и влее надеж во Вашите срца. Нека радосната вест за раѓањето на Спасителот продолжи да биде ѕвезда водилка во Вашата благородна мисија да ги ширите зборовите на Евангелието, но и во правењето добри дела кои секогаш ќе инспирираат, пишува таа во честитката.

Со длабока почит и најдобри желби, додава, ви посакувам честит Божиќ, исполнет со радоста на Христовото присуство и бериќетна и благословена Нова година. сст/мд/

фото: КОВЗРГ

 

Остани поврзан