Чачарова – Илиевска: Интерпелација на член на Судски совет е недозволен и противуставен акт
- Интерпелацијата против петте членови на Судскиот совет, кои што ги избира Собранието е недозволена. Не само што не е дозволена, туку овој акт претставува преседан во досегашната парламентарна демократија на Република Северна Македонија. Повеќе од 30 години досега ниту еднаш не се случило Собрание да поднесе интерпелација на член на Судскиот совет, изјави членот на Судскиот совет Тања Чачарова – Илиевска, по денешната редовна седница на Советот.

Скопје, 11 март 2025 (МИА) – Интерпелацијата против петте членови на Судскиот совет, кои што ги избира Собранието е недозволена. Не само што не е дозволена, туку овој акт претставува преседан во досегашната парламентарна демократија на Република Северна Македонија. Повеќе од 30 години досега ниту еднаш не се случило Собрание да поднесе интерпелација на член на Судскиот совет, изјави членот на Судскиот совет Тања Чачарова – Илиевска, по денешната редовна седница на Советот.
Во врска со денешната расправа која паралелно се одржува во законодавниот дом, каде пратениците гласаат за интерпелациите против петте членови на Судскиот совет, Чачарова – Илиевска рече дека нема да присуствува, нагласувајќи дека интерпелација на член на Судски совет е недозволен и противуставен акт.
– Мојот став е, тврдам дека сум во право, дека интерпелација на член на Судски совет е недозволена и противуставен акт. Гледам во интерпелацијата подносителите на истата се повикуваат, а и по медиуми постојано тоа го слушаме, на нивното уставно загарантирано право да поднесуваат интерпелација, во смисла на член 72 од Уставот на Република Северна Македонија. Меѓутоа, одредбата од членот 68, став 1, алинеја 15, има поинакво уставно решение. Таму стои дека интерпелација може да биде поднесена спрема секој носител на јавна функција којшто одговара пред Собранието. Членовите на Судски совет, согласно Уставот и Законот за Судскиот совет, кој е „lex specialis“ и на кој упатува Уставот по однос на круцијалните прашања што се однесуваат за Судскиот совет, тоа е состав на Судскиот совет, мандат на членовите на Судскиот совет, надлежности на Судскиот совет, услови и постапка за избор и разрешување на член на Судскиот совет, услови и постапка за утврдување на одговорност за член на Судски совет, се прашања кои што согласно Уставот се поконкретно и подецидно образложени и уредени со Законот за Судскиот совет, рече Чачарова – Илиевска.
Пратениците, додаде, немаат уставно право на ваков чин, бидејќи како што образложи, во Уставот постојат одредби во членот 104 и 105 заменети со амандман 28 и 29 каде точно се уредени клучните прашања што се однесуваат за Судскиот совет.
– Синоќа случајно на една од телевизиите имав прилика да слушам еден од пратениците којшто рече во дебатна емисија дека било „природно право“ тој што те бира и да те разрешува. Видете во правото немаме природно право, во правото имаме нормирани состојби, нормирани прашања, нормирани права и одговорности, така што Уставот посветил доволно одредби во членот 104 и 105 заменети со амандман 28 и 29, точно се уредени клучните прашања што се однесуваат за Судскиот совет, децидно доразработени во Законот за Судски совет и пратениците, за жал, немаат уставно право на ваков чин, додаде Чачарова – Илиевска.
Вели со поднесената интерпелација само за петте членови на Судскиот совет, не е повредена само една од темелните вредности на уставниот поредок, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт, туку како што рече, повредено е и основното начело на еднаквост на членовите на Советот.
– Законот за Судски совет не прави разлика помеѓу членовите во зависност од тоа дали се избрани од редот на судиите или се избрани од Собранието, а со тоа се прави дискриминација помеѓу членовите на Судскиот совет што е недозволиво. Пратениците кои што се претставници на законодавната власт треба, исто така, да ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори, кои што токму Собранието ги ратификува и да постапуваат согласно нив, рече Чачарова Илиевска.
Во Собранието во тек е 40. седница, на чиј дневен ред се петте интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието - Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за нивното заминување од функциите ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет. ра/аа/
Фото: МИА