• четврток, 04 декември 2025

Филипче ги објави „црвените линии“ за ЕУ, предлага уставните измени да завршат до 10 февруари (ДПЛ)

Филипче ги објави „црвените линии“ за ЕУ, предлага уставните измени да завршат до 10 февруари (ДПЛ)

Скопје, 25 септември 2025 (МИА) - Владата и сите институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културни особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ, и дека Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер. 

Ова се двете главни точки од Резолуцијата за дефинирање заеднички позиции за продолжување на европскиот пат на државата, што денеска ја презентираше на брифинг со медиуми лидерот на СДСМ Венко Филипче. 

- Ова се нашите црвени линии. Ова е предлог решение за постигнување на сите заеднички национални и стратешки цели со консензус со оглед на високото мнозинство граѓаните за членство на државата во ЕУ, изјави Филипче. 

Документот како работна верзија најпрво ќе биде доставен до сите политички партии, а потоа во Собранието да се излезе со заеднички документ. Многу од одредниците во него, посочува тој, се заштитени со претходни декларации, документи и меѓународни договори тоа што сега нудат е заеднички пристап како и секоја друга сериозна држава.

- Документот доаѓа со предлог закон, за улогата на Собранието во процесот на евроинтеграцискиот преговори. Очекувам сите да бидат конструктивни и да не се злоупотребува за политички цели во предизборни кампањи, нагласи Филипче. 

Документот, како што посочи Филипче, содржи и конкретна временска рамка за одблокиррање на преговорите и отворање на првиот кластер до 15 февруари 2026 година, како и механизми кои чекори треба да ги преземе Собранието доколку некоја од земјите членки задираат во идентитетските прашања. 

- Сметаме дека ова нешто треба да биде приоритет, непосредно после локалните избори, имајќи во предвид дека силно и брзо чекорат напред соседите Албанија и Црна Гора, има позитивни сигнали од земјите членки на ЕУ дека има волја за проширување заклучно со 2030 година и не треба да го пропуштиме. Тоа го потенцираат и земји членки кои што беа скептични за процесот на проширување, тоа се Франција и Данска. И затоа сметаме дека Собранието треба да ја започне, после соодветни припреми постапката за измени на Уставот, да се достигне до фаза на прзо гласање најдоцна до 15 декември 2025 година, изјави Филипче. 

Временска рамка за спроведување на Резолуцијата предивидува Владата од 15 ноември до 25 ноември 2025 година да се изјасни за поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот коишто беа поднесени во 2023 година и дали останува на истиот текст или подготвува и предлага нов текст на уставните амандмани. Доколку се предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.

- Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година, а да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година. Истиот ден на финалното гласање и усвојување на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес и да ги достави потребните документи (Патокази) кои ги има подготвено како инструменти вообичаени за преговорите. Во истото писмо, Владата ќе ја повика Европската комисија, согласно Заклучоците на Советот на ЕУ донесени на 18 јули 2022 година, да организира Меѓувладина конференција помеѓу државите членки на ЕУ и Северна Македонија на која ќе се донесат сите потребни одлуки за одблокирање на преговорите за членство и ќе биде отворен првиот кластер- Темелни вредности не подоцна од 15 февруари 2026 година, се наваедува во Резолуцијата што ја предлага СДСМ. 

Прашан зошто сега се излегува со овој предлог документ и се повикува да не се злоупотребува пред избори, а не можело да се почека за после избори, Филипче вели дека сите политички субјекти треба  да покажат политичка зрелост и на ова прашање да пристапат конструктивно. 

Во однос на тоа дека досега веќе има вакви резолуции и која е реалната потреба од ова, Филипче, посочува дека тоа што ја издвојува оваа предлог резолуција и пристап е што никогаш не бил вака конструктино воден процесот, со предлог работна верзија на која секој може да даде мислење и да се излезе со еден заеднички документ. 

-Гледаме дека изминатата година и половина ништо не се случува на тој план. И сметам дека е крајно неодговорнo да не се прави ништо на ова поле, порача Филипче.

Прашан што доколку има нови сопки и услови и покрај тоа што државата ќе се обрати до европските институции, Филипле рече дека „чекајќи и плашејќи се, со некои хипотетички претпоставки дека ќе се случат, ние не напредуваме, ние стагнираме“. 

- Ако ние постигнеме национален консензус тогаш никој нема да може да се бори со нас на тоа поле. Паралелно ќе зајакнува државата преку процесот на преговори. Ако сега седиме и се плашиме дека нешто можеби ќе се случи во иднина, еве гледаме дека ништо не се случува, а младите се иселуваат и реформската агенда никако не се спроведува, изјави Филипче. 

Прашан зошто смета дека ова е памтено да се отвора како прашање во предизборие, со оглед дека тоа беше и една од причините за поразот на СДСМ на минатите избори, Филипче вели дека прашањето е секако актуелно и не може да се остави по страна.

-Не може да затвориме очи и да кажеме дека сме имале некаква штета на претходниот изборен циклус и сега ништо не правиме. Но, реалноста е дека државата стагнира и мислам дека е крајно неодговорно било кој политички субјкет ништо да не прави на ова прашање. Ова е внатрешна работа, ова е наш внатрешен консензус, изјави Филипче. 

За тоа како очекува консензус за ова прашање, со оглед на спротивставените ставови со ВМРО-ДПМНЕ за клучното прашање - уставните измени, Филипче рече дека

- Јас сум слушнал изјава на премиерот дека тој нема проблем со промена на Уставот и внесување на Бугарите, но дека стравува дека во следниот период за некого повторно може да биде проблем. Еве документ во кој се кажува дека никакво друго условување ние нема да прифатиме. Тоа е првата работа. Втората работа, во однос на легитимитетот даден од граѓаните. Се служуваме со една таква констатација, но треба да знаеме дека многу од ветувањата на Владата практично не се исполнети, да потсетам дека дел од ветувањата на минатогодишната кампања беа дека ќе се врати уставното име и ќе се подобри преговарачката позиција, но тоа не се исполни. Се поставува прашањето на што граѓаните дадоа легитимитет, ако сите тие ветувања не се исполнети, изјави Филипче. 

Прашан за изјавата на Марта Кос дека се разговара со Бугарија и најавата на премиерот дека очекува од јануари да се придвижи процесот што на некој начин се совпаѓаат и дали зад сето ова постои некаква координација на активности, Филипче рече дека нема и ова е автентичен предлог. 

-Меѓутоа ги слушаме сигналите од ЕУ и не можеме да седиме мирни. Тоа што го кажа еврокомесарката Кос на нашиот заеднички состанок и тоа што го кажуваат дипломатските претставници, изјавите за прием на Албанија и Црна Гора во следните две до три години, јасни се сигналите и волјат на ЕУ за сериозно и силно, и ако бидеме искрени за разлика од претходно, да го поддржи процесот на проширување и сметам дека ова не треба да се пропушти, изјави Филипче. аа/са/

Фото: МИА

Видео: СДСМ

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан