• петок, 22 ноември 2024

Триесет години од основање на издавачката куќа „Матица македонска“

Триесет години од основање на издавачката куќа „Матица македонска“
Скопје, 24 август 2021 (МИА) – Издавачката куќа „Матица македонска“, денеска бележи 30 години од основањето. Од издавачката куќа велат дека во текот на изминатите децении, оваа институција чиј основач и главен уредник е писателот Раде Силјан, реализира обемна и разновидна продукција од повеќе области и се етаблира во македонскиот културен простор како еден од водечките фактори во претставувањето на националните творечки капацитети. „Матица македонска“ досега има објавено 2.500 наслови од сите области, печатени во над 3.800.000 примероци, дистрибуирани во државата, како и во најзначајните светски библиотеки и славистички центри. Клубот Матица брои педесет илјади членови. - По повод големиот јубилеј, посебно треба да се одбележат заложбите на издавачот за афирмација на книжевните вредности на македонските поети, прозисти, драмски писатели, критичари, публицисти и научници, велат од издавачката куќа. Посебно ги издвојуваат изданијата за македонското културно наследство, особено делата за македонските народни носии и везови, за македонскиот фолклор и народната митологија, како и монографските книги за македонските манастири и македонската резба, колор-изданијата за Охрид, Скопје, Преспа, Курбиново, Света Софија, Старата скопска чаршија и други. Во рамки на едицијата Избрани дела, издавачката куќа „Матица македонска“ објави повеќетомни изданија од творештвото на Марко Цепенков, Кирил Пенушлиски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Божин Павловски, Луан Старова, Никола Кљусев, Милан Ѓурчинов, Блаже Ристовски, Радован Павловски, Цветан Грозданов, Георги Старделов, Витомир Митевски, Раде Силјан, Танас Вражиновски, Димитар Ќорнаков, Благоја Иванов, Петар Т. Бошковски, Јован Павловски, Паскал Гилевски, Јован Стрезовски, Блаже Миневски. ки/лв/

Остани поврзан