• понеделник, 25 ноември 2024

Тренчевска: Поголеми права, безбедни работни места и достојни услови за секој работник

Тренчевска: Поголеми права, безбедни работни места и достојни услови за секој работник
Скопје, 1 мај 2022 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска со видео обраќање го честиташе 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот. -За Владата и Министерството за труд и социјална  политика, унапредувањето на работничките права остануваат  високо на агендата на приоритетни цели. Ветивме зголемување на минималната плата и денес, и денес нема плата пониска од 18.000 денари. Нашата посветеност на работничките права ја потврдуваме со започнатиот социјален дијалог, за изготвување на општ колективен договор за сите вработени во јавниот сектор, наведува Тренчевска.
Министерката посочува дека се работи на решението кое ќе биде, како што нагласува, системско и солидарно за сите. -Линеарно покачување од 2 806 денари за сите вработени во јавниот сектор. Во рамката за преговори за новиот Општ колективен договор е враќањето на регресот за годишен одмор, за целиот јавен сектор во 2023 година, како и нова методологија за пресметка на платите, со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои ќе бидат утврдени и која ќе се преслика во гранските колективни договори, што значи постојан раст на платите во јавниот сектор, истакнува Тренчевска. Таа соопшти дека во финална фаза на подготовка е и новиот Закон за работни односи, кој ќе одговори, како што вели, на потребите на едно современо општество, а до крајот на оваа година се очекува да биде усвоен од страна на Собранието. -Недела - ден на неделен одмор е наша реалност. Ова законско решение овозможи баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на работникот.  Повеќе време за семејството, за блиските, за пријателите, а за оние работници кои се ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес, не смеат да бидат прекинати, најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Додека пак, за вработените во трговијата двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто затоа што трудот на работникот мора да се почитува и вреднува, изјави Тренчевска. Во континуитет, додаде, се работи и на намалување на невработеноста. -Невработеноста успеавме да ја симнеме на 15.7 отсто. Преку Оперативниот план за активни програми и мерки за 2022 година, обезбедуваме опфат на 14.685 невработени лица. Посебен акцент се стави на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени, како и на корисниците на Гарантирана минимална помош. Го зголемивме опфатот за најбараната мерка-самовработување за 2000 лица. Преку обуки, доквалификација, преквалификација, практиканство ја зголемуваме конкурентноста на невработените лица на пазарот на труд, а не застанавме ниту со проектот Гаранција за млади како земја лидер во регионот, која прва го имплементираше, а не е членка на ЕУ, рече Тренчевска. Таа отенцира дека Министерството за труд и социјална политика продолжува да ги вложува сите свои капацитети во насока на обезбедување поголеми права, безбедни работни места и достојни услови за работа на секој работник. мд/мч/

Остани поврзан