• четврток, 04 декември 2025

Струмичанец осомничен за обид за убиство на сопругата, доставен предлог за мерка притвор

Струмичанец осомничен за обид за убиство на сопругата, доставен предлог за мерка притвор

Скопје, 28 ноември 2025 (МИА) - Основното јавно обвинителство Струмица донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело „убиство“. 

Осомничениот 48-годишник, како што информира Јавното обвинителство, при вршење семејно насилство, на 26 ноември годинава во семејниот дом во селото Просениково се обидел да ја лиши од живот неговата сопруга. Тој ја фатил за главата и со шприц се обидел насилно да и вбризга во устата одредена течност, најверојатно пестицид. Жртвата почнала да го турка и да вика, а тоа го слушнале нивните две малолетни деца кои дошле од другата соба и се обидувале да ја одбранат мајка им.

Оштетената успеала да влезе во бањата, но осомничениот влегол по неа, ја турнал во кадата и ја притиснал со коленото, па со нож започнал да и нанесува посекотини на вратот во близина на каротидната артерија. Децата повикале други роднини кои успеале да го оттргнат.

Во својот исказ пред јавниот обвинител жената потврдила дека подолг временски период била жртва на физичко и психичко семејно насилство од сопругот, но не се осмелувала тоа да го пријави.

Според јавниот обвинител постои реална опасност осомничениот повторно да врши семејно насилство и да го доврши обиденото дело. Исто така постои опасност од бегство и можност тој да влијае на сведоците на настанот, негови блиски роднини кои и помогнале на оштетената и ја однеле во болница.

Од тие причини, како што се наведува, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор. мд/дма/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан