• недела, 22 декември 2024

Стејт департментот декласифицираше документи од воениот удар на Пиноче во Чиле  

Стејт департментот декласифицираше документи од воениот удар на Пиноче во Чиле  

Вашингтон, 27 август 2023 (МИА) - Стејт департментот викендов соопшти за декласификација на дневните брифинзи подготвени за претседателот Ричар Никсон од 9 и 11 септември 1973 година поврзани со државниот удар во Чиле. 

Брифинзите се достапни на веб-сајтот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА). 

На утринскиот брифинг од 11 септември 1973 година, денот кога се случил пучот, тогашниот американски претседател бил информиран дека воените офицери на Чиле биле „одлучни го обноват политичкиот и економскиот поредок“ но „се уште им недостасува координиран план да капитализираат од широката народна опозиција“.  

Во брифингот од 8 септември се гледа дека администрацијата на Никсон немала докази за „координиран план за пуч“ во Чиле, и доколку „вжештените глави во морнарицата“ направат пуч, тие „можат да се најдат изолирани“. 

Меѓутоа, воена смена на демократски избраната власт на претседателот Салвадор Аљенде, сепак, се случува на 11 септември. Како прв социјалистички претседател избран во јужноамериканска либерална демократија, Аљенде се соочувал со социјални немири во земјата поради економска криза. Воениот удар извршен од група офицери предводени од генералот Аугусто Пиноче ја прекина граѓанската власт во Чиле и воведе диктатура на подолг период, што траеше до 1990 година.  

За време неговото крваво владеење околу 40,000 лица биле егзекутирани, мачени, политички затворани или едноставно „исчезнале“.

Пиноче беше уапсен во Лондон во 1998 година, но никогаш не заврши  во затвор за наводните злосторства, пред да почина во домашен притвор во 2006 година. 

Во соопштение од Стејт департментот се наведува дека објавените документи „ја демонстрираат нашата истрајна посветенот на односите меѓу Чиле и САД и во склад со нашите заеднички напори за промоција на демократијта и човековите права во нашите земји и во светот“. 

Некои историчари сметаат дека пучот бил инспириран од САД за отфрлање на социјалистичката власт во Чиле. Познавачите велат дека декласифицираните документи не претставуваат закана за националната безбедност на САД, па не се знае зошто биле чувани како државна тајна речиси 50 години. 

Објавувањето на документите властите во Чиле позитивно го примија, во пресрет на настаните што се спремаат за одбележување на 50-годишнината од пучот. Политичката ситуација во земјата се уште е дефинирана од немилите случувања од пред половина век. кб/  

Остани поврзан