• петок, 22 ноември 2024

Средба Муртезани - Агелер: Реформите и борбата против корупцијата главни теми на средбата

Средба Муртезани - Агелер: Реформите и борбата против корупцијата главни теми на средбата

Скопје, 18 јули 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во неговиот кабинет се сретна со американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, со која разговараше за важни прашања од билатералната соработка, борбата против корупцијата, како и за подготовката на Реформската агенда на Планот за раст за земјите од Западен Балкан и тековните политички прашања, информираат од Секретаријатот за европски прашања. 

Министерот Муртезани на средбата истакнал дека го цени придонесот на САД и амбасадорката Агелер во поддршката на евроинтегративните процеси на Северна Македонија и изрази подготвеност за соработка со САД за забрзување на реформите за напредок на земјата кон членство во големото европско семејство.

Муртезани потенцирал дека Северна Македонија останува доверлив партнер на САД, силно посветена на промоцијата на западните вредности, демократијата и стабилноста во регионот. Тој информирал дека Реформската агенда од Планот за раст беше дискутирана на седницата на Владата и целиот пакет е навремено доставен до Европската комисија, со што започна процесот на меѓуреосроска консултација во системот на ЕК.

Амбасадорката Агелер, пак, изразила подготвеност како и секогаш да ѝ помогне на земјата во реформите и во борбата против корупцијата. Таа ја истакнала важноста за блиската соработка меѓу сојузниците и заедничката посветеност за унапредување на стабилноста и економскиот развој.

Соговорниците се согласиле дека е исклучително важно да се искористи моментот за спроведување на рефромската агенда, со што ќе се обезбеди значаен придонес за социо-економскиот раст, обезбедување на стабилност и намалување на диспаритетите меѓу земјата и ЕУ.

Како што се вели во соопштението од СЕП, преку континуирана дипломатска, политичка и економска поддршка, САД придонеле за напредокот на реформските процеси на модернизација во Северна Македонија. Нивната помош, велат од СЕП, е круцијална во зајакнувањето на демократските институции и подобрувањето на државните капацитети. сст/ац/

Фото: СЕП

 

 

 

 

Остани поврзан