• петок, 05 декември 2025

Средба Костадиновски-Челик: Привршуваат подготовките за проектот за дигитализација на Уставниот суд

Средба Костадиновски-Челик: Привршуваат подготовките за проектот за дигитализација на Уставниот суд

Скопје, 5 мај 2025 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски оствари работна средба со Махмут Челик, претседател на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА). На средбата, која се организираше по повод размена на информации околу фазите на спроведување на дигитализацијата на Судот, учествуваа и судијата Фатмир Скендер и шефот на кабинетот, Екрем Халимовски, соопштија од Уставниот суд.

Соговорниците констатирале дека во завршна фаза се подготовките за реализација на проектот за унапредување на информатичко-комуникациските технологии во Уставниот суд. Преку дигитализирање на Судот, предвидено е усовршување на алатките за работа на советниците и судиите, но и алатките за комуникација со јавноста, со што се очекува значително подобрување и зголемување на ефикасноста во работењето и транспарентноста на Уставниот суд. 

Претседателот Костадиновски изразил благодарност за досегашната поддршка од страна на „ТИКА” и нагласил дека Судот е подготвен за спроведување на дигитализацијата во наредниот период. 

Во февруари минатата година, Уставниот суд добил донација од техничка опрема, компјутери и печатачи за вработените. Претходно, „ТИКА” учествуваше во опремување на салата за состаноци и прес конференции во 2020 година, како и обезбедување на техничка опрема во 2013 година. сст/лв/

Фото Уставен суд



 

 

Остани поврзан