• понеделник, 23 декември 2024

Си-Ен-Ен: Трамп ја разгледува можноста за самопомилување

Си-Ен-Ен: Трамп ја разгледува можноста за самопомилување
Атланта, 8 јануари 2021 (МИА) - Претседателот на САД во заминување Доналд Трамп со своите сојузници и адвокати, вклучувајќи го и советникот во Белата куќа Пат Чиполоне, ја разгледува можноста за самопомилување, пренесува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неколку извори.

Некои од тие разговори се случиле во последните неколку недели.

Како што е наведено, не е јасно дали разговорите следеле по немирите во Капитол поттикнати од реториката на претседателот или неговиот контроверзен разговор со државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер“.

Трамп се распрашувал за правните и политичките последици од самопомилување, тврди извор близок на американскиот претседател во заминување. „Њујорк Тајмс“ вчера објави дека во разговорите по изборите, Трамп сугерирал дека би сакал да се помилува, повикувајќи се на два извора запознати со ситуацијата. Тој исто така побарал правно мислење за тоа дали има овластување да се помилува себеси, кога му било укажано за потенцијалните политички последици. Овој извор вели дека сè уште не е јасно дали претседателот ќе се помилува себеси. Си-Ен-Ен претходно објави дека Трамп разговарал за можноста за самостојно помилување со своите соработници од 2017 година и дека е опседнат со оваа идеја. Во 2018 година тој исто така објави на Твитер дека верува дека има овластување да стори нешто такво и дека му потврдиле бројни советници, но дека нема причина да го стори тоа, бидејќи не сторил ништо лошо. Сепак, претседателското самопомилување не е тестирано и експертите се поделени во однос на уставноста на овој потег. Во правниот меморандум на Министерството за правда се наведува дека претседателот не може да се помилува себеси, туку дека може да си даде оставка од позицијата каде што би бил заменет од потпретседателот, кој потоа може да го помилува. Овој документ, сепак, не е обврзувачки. паг/    

Остани поврзан