• недела, 22 декември 2024

Се подготвува Клуб за социјална инклузија за возрасни лица со посебни потреби во Делчево

Се подготвува Клуб за социјална инклузија за возрасни лица со посебни потреби во Делчево
Делчево, 19 март 2021 (МИА) - Во Делчево започнаа подготвителните активности за реализација на проектот „Клуб за социјална инклузија „Интегра“. Во рамки на посетата на Дневниот центар за лица со посебни потреби кој е дел од имплементацијата на проектот, градоначалникот Горан Трајковски, потенцираше дека реализацијата на проектот е уште еден доказ дека и во услови на пандемија и сериозни економски последици, се продолжува со вистинска грижа за сите граѓани, особено за најранливата категорија граѓани.
-Реализацијата на проектот Клуб за социјална инклузија „Интегра“ ќе донесе подобар квалитетот на живеење на лицата со посебни потреби во Општина Делчево, преку развој и унапредување на нови алтернативни форми на социјални услуги. Пред стартот на инвестицискиот дел од проектот, како градоначалник сакам да се запознаам со условите, планираните активности и евентуалната поддршка што би била потребна од локалната самоуправа со цел да се имплементира оваа Програма која нуди нова организирана форма на услуга за рехабилитација, професионална ориентација и социјализација на возрасни лица со посебни потреби, истакна Трајковски.
Во рамките на Клубот за социјална инклузија е планирано да се опфатат 12 возрасни лица со посебни потреби и да се ангажираат дополнително 5 стручни лица за работа со овие лица.
-Овој проект значи унапредување и трансформација на услугите, проширување на услугите на самиот Дневен центар, бидејќи со него се внесуваат лица без разлика на нивниот степен на попреченосткои кои ќе развиваат работни вештини кои ќе им послужат за нивно работно интегрирање. Ова е всушност, почеток на еден вид  социјално претприемништво кој започнува од Дневниот центар во Делчево. Во овој период ќе бидат опремено комплетно просториите со машини за изработка на восочни производи- ароматизирани свеќи, техника за грнчарски производи, по што следува вториот дел кога ќе се внесат самите корисници, истакна Александар Николов од „Бравура кооператива“.
Во делот на социјалната заштита и унапредување на услугите, градоначалникот Трајковски истакна дека се работи интензивно и посветено и на подобрување на условите за престој на децата во детската градинка и на зголемување на опфатот на децата во градинка.
-Продолжуваат инвестициите во изградба, реконструкција и проширување на детската градинка во Делчево. Интензивно се работи на реконструкција на простории за детска градинка во с. Разловци, но и проектираме нова детска градинка со капацитет од 160 дечиња во населбата Расадник, истакна Трајковски.
Дневниот центар за лица со посебни потреби за реализација на проектот ја има поддршката од МТСП. Проектот „Клуб за социјална инклузија - Интегра“ е вреден 2,3 милиони денари и истиот во период од 18 месеци ќе го реализира Невладината организација „Бравура кооператива“. вс/сст/

Остани поврзан