• вторник, 27 август 2024

Самитот на ПИФ посветен на климатските предизвици и кинеско-американското ривалство

Самитот на ПИФ посветен на климатските предизвици и кинеско-американското ривалство

Нукуалофи, 26 август 2024 (МИА) – Во Тонга денеска почна Самитот на Форумот на Пацифичките Острови (ПИФ). Форумот обединува 18 земји и придружни територии, вклучувајќи ги и Нова Каледонија и Француска Полинезија.

На отворањето генералниот секретар на ПИФ, Барон Вака посочи дека Самитот се одржува во „клучен момент“ за регионот, кој се соочува со зголемување на нивото на океаните, кинеско-американско ривалство и насилство во францускиот архипелаг Нова Каледонија.

- Се здружуваме во клучен момент во историјата на нашиот регион. Ние сме на првите линии на борбата против климатските промени. На многу нејзини членови денес им се заканува целосно уништување поради зголемувањето на нивото на океаните поради глобалното затоплување. Земја како Тувалу, каде што највисоката точка е 4,6 метри надморска височина, би можела да исчезне под океанот во рок од триесет години, истакна Вака.

На Самитот во Тонга присуствува и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

- Одлуките што светските лидери ќе ги донесат во годините што доаѓаат ќе ја одредат судбината, прво на островите во Пацификот, а потоа и на остатокот од светот. Ако го спасиме Пацификот, ќе го спасиме и светот, наведе Гутереш.

Самитот, што се одржува на затворен стадион кој чинеше 25 милиони долари и е подарок од Кина, ќе трае до 30 август.

Пекинг ја добива наклонетоста на земјите од Пацификот преку изградба на владини комплекси, спортски сали, болници и патишта. Стравувајќи дека Кина ќе ја искористи можноста да воспостави воени бази во регионот, САД и Австралија од своја страна даваат помош, потпишуваат билатерални договори и повторно отвораат дипломатски претставништва.

Многу задолженото Кралство Тонга се смета за особено ранливо на економскиот притисок од Кина. ми/

фото: Икс

Остани поврзан