• петок, 22 ноември 2024

Рекорден отстрел на диви свињи последните два викенди во Кичевско

Рекорден отстрел на диви свињи последните два викенди во Кичевско
Кичево, 30 јануари 2022 (МИА) - Енормниот пораст на бројот на диви свињи во кичевијата, последните два викенди резултира со рекордна бројка на отстрелани диви свињи на две ловечки друштва од општината. Така ловечко друштво од Рабетинска Река пред две недели отстрела осум диви свињи, додека следниот викенд ловечко друштво од Копачијата го надмина овој рекорд и отстрела дури 11 диви свињи од различна возраст и големина. - Последните две-три години просто сме зачудени од бројноста на дивите свињи во природата, кои ги има во толку голем број што повеќе не се плашат да прошетаат низ селата и среде бел ден, а за штетите врз земјоделските култури што ги направија изминативе две години, не треба ни да зборуваме, бидејќи во повеќе села од кичевско-пласничкиот регион кај одредени земјоделци штетата беше целосна, а се стравува дека поради зголемениот број во природата, штетите во наредните години да бидат уште поголеми, вели Даме Петрески, ловџија од Кичевско. Тој нема одговор од каде за толку кусо време енормно се зголеми бројот на диви свињи во природата, дали тие дошле од други региони или можеби наталитетот последниве години е драстично зголемен. - Секогаш кога се враќаме од лов оваа и претходната зима, се прашуваме од каде за толку кусо време бројот на диви свињи во природата толку многу да се зголеми. Како резултат на екстремниот пораст е и богатиот улов на диви свињи. Речиси да нема ловечко друштво кое од лов нема да се врати со барем два-три примероци отстрелани диви свињи, додава Петрески, потенцирајќи ги последните два викенди со рекорден отстрел на диви свињи. Последните два викенди се бележи рекорден отстрел на диви свињи на две ловечки друштва. Првото ловечко друштво од село Козичино отстрела осум диви свињи. Како што велат самите ловџии во планината налетале на глутница од над 100 диви свињи и можело да се случи бројката на отстрелани диви свињи да биде и многу поголема. Петрески нагласи дека уште побогат лов минатиот викенд имале ловџиите од Другово и околните села, кои на ловиштето во месноста Турла и селата Цер и Црско, во еден ден отстрелале дури 11 примероци на диви свињи. Тој предлага и мерки со кои би се намалила бројката на диви свињи во природата и штетите што би ги чинеле во натамошниот период. - За да се намали бројот на диви свињи би предложил да се продолжи периодот за лов на барем уште еден викенд, што ќе придонесе бројот на свињи да се намали. Исто така, да не се лимитира бројот на отстрелан дивеч во една ловна сезона на 120 единки, туку да се отстрелаат многу повеќе, што ќе придонесе да се избалансира нивниот број во природата. Овие мерки се надевам дека ќе ги дадат очекуваните резултати, вели ловџијата. Зоран Антовски

Остани поврзан