Протест на студентите за полагање правосуден испит на албански јазик
- Со почеток во 12.30 часот, денеска, во Скопје, ќе се одржи протестен марш како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит, најави Министерството за внатрешни работи.
Скопје, 6 април 2026 (МИА) - Со почеток во 12.30 часот, денеска, во Скопје, ќе се одржи протестен марш како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит - најави Министерството за внатрешни работи.
Од таму велат дека протестот ќе почне од плоштадот Карпошово востание преку Камениот мост, a ќе заврши пред Министерството за правда. На оваа траса ќе има посебен режим на сообраќај.
- Утре (6.4.2026), со почеток во 12.30 часот. од страна на група граѓани ќе се организира протестен марш како израз на незадоволство поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците во првосудниот испит со траса на движење од плоштадот Карпошово востание, улицата 11 Март преку Камениот мост продолжува по улицата Никола Вапцаров и завршува на улицата Димитрие Чуповски пред Министерството за правда, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници. СВР Скопје - Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот - соопшти МВР.
Министерството апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера ги повика учесниците во протестот „да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија, која сè уште живее во спомените, односно во минатиот век“.
На кандидатите што треба да го полагаат испитот тој им порача дека ќе биде најдено соодветно решение и за ова прашање.
- За жал, овој протест е силно поддржан од една опозициска политичка партија, која повеќе од 20 години не успеа да го реши ова прашање и сега е лицемерно на овој начин да комуницира со јавноста - рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања вчера на прес-конференција посветена на новите мерки за намалување на цените на горивата.
Посочи дека претходната влада го донесе Законот за јазиците, кој, рече, е „предизвикан пред Уставниот суд и е предизвикан токму оној дел што се однесува на правосудството“.

- Знаете дека за тој закон имаме негативно мислење од Венециската комисија, која вели дека треба да се напушти двојазичноста во правосудството бидејќи има предизвици што најчесто се поврзани со владеењето на правото. Имајќи го сето ова предвид, ние како Влада формиравме група од уставни експерти, кои работат на решение, кое ќе биде и уставно, но исто така и во согласност со меѓународните стандарди. Така што, јас ги уверувам студентите дека онака како што се најдоа решенија за многу предизвици и за многу пропусти од минатото, така и за ова ќе се изнајде соодветно решение. Јас мислам дека тие тоа веќе го знаат и мојот апел е да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија, која сè уште живее во спомените, односно во минатиот век - рече Мицкоски.
Во пресрет на најавениот протест градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, повика на поголема свесност кај политичките и општествените актери оценувајќи дека станува збор за прашање што бара системски пристап.
Според него, во мултиетнички држави како Македонија политичките елити имаат обврска континуирано да градат правни и институционални политики, кои ги одразуваат мултиетничкиот карактер и различноста на општеството.
- Јазичната политика во Македонија, за жал, е уредена со половичен закон. Половични закони даваат половични решенија - посочува Меџити.
Тој нагласува дека протестот не треба да се гледа како политизација, туку како повик за подобри законски решенија и долгорочни институционални политики.
- Протестот е повик за освестување за сите политички и општествени актери, кои треба да придонесат за подобри решенија. Студентските протести секогаш се аларм за појави во општеството, кои политичките структури имаат обврска да ги третираат целосно - наведува Меџити. ац/вг/
Фото: МИА архива