Промовиран Индексот на отвореност: Во 2023 година нема значаен напредок, се препорачува засилена имплементација на постојните политики
- Под насловот „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“, Фондација Метаморфозис денеска одржа презентација и дискусија на резултатите од Проценката на состојбата на добро владеење во Северна Македонија преку Индексот на отвореност за извршната власт. -Мониторирањето се спроведува осма година по ред, регионално, во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и сумираните регионални резултати ќе бидат објавени во септември, додека фокусот на денешниот настан беше на националните резултати, информираат од Фондација Метаморфозис.
Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Под насловот „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“, Фондација Метаморфозис денеска одржа презентација и дискусија на резултатите од Проценката на состојбата на добро владеење во Северна Македонија преку Индексот на отвореност за извршната власт.
-Мониторирањето се спроведува осма година по ред, регионално, во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и сумираните регионални резултати ќе бидат објавени во септември, додека фокусот на денешниот настан беше на националните резултати, информираат од Фондација Метаморфозис.
Резултатите ги презентирала програмската директорка на Фондацијата Метаморфозис, Данче Даниловска-Бајдевска. Таа нагласила дека нашата земја е единствена од регионот со Стратегија за транспарентност на Владата, но имплементирањето на стратегијата, сепак се одвива бавно.
Според неа, главните заклучоци од овогодинешното мониторирање покажуваат дека напредокот во зголемување на транспарентноста и отвореноста на извршната власт (министерствата и органите во состав) е во застој, подобрените резултати од минатото се застанати на одредено ниво, па не постои значајно поместување во последните години. Затоа се препорачува засилена имплементација на постојните политики со кои се унапредува отвореноста од страна на министерствата и извршните органи, со цел да се постигне напредок во отвореноста.
Како што посочи Даниловска-Бајдевска, сите овие процеси, односно преземени активности за унапредување на отвореноста во суштина ѝ помогнале на Република Северна Македонија во континуитет во последните пет години да биде земја чија Влада е највисоко на скалата на отвореност во регионот.
-Во овогодинешното мерење на Индексот на отвореност (2023 г.), Владата на Северна Македонија исполнува 78,33% од поставените критериуми за отвореност што повторно е најдобар резултат на регионално ниво. На првото регионално мерење за отвореноста на извршната власт во 2016 г. Република Северна Македонија беше на последно место во регионот и исполнуваше само 36% од индикаторите. Сепак, треба да се напомене дека споредено со минатата година, Владата има незначителен пад во исполнувањето на индикаторите за отвореност, се вели во соопштението.
На настанот била претставена работата и значењето на Партнерството за отворена власт (ПОВ), како и заложбите од шестиот Национален акциски план за кој говореше Гордана Гапиќ-Димитровска од Министерството за информатичко општество и администрација, како национален координатор за ПОВ.
Партнерството за отворена власт, се додава во соопштението, е значаен процес кој е единствен по својата управувачка структура - во Советот за ПОВ учествуваат еднаков број претставници на граѓанските организации, избрани преку Мрежата за ПОВ, и државните институции.
Фондација Метаморфозис е координатор на Мрежата граѓански организации за ПОВ. Улогата на мрежата е да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ПОВ, односно претставува мрежа на активни граѓански организации кои работат посветено да ги поттикнат институциите на поодговорно работење, зголемена транспарентност, учество и отчетност. Мрежата во исто време претставува и организирана граѓанска иницијатива која ќе го мониторира и промовира процесот и ќе врши притисок за подобрување. сст/aa/
фото Фондација Метаморфозис