• петок, 22 ноември 2024

Право на препораки за лекување во домашни услови има само матичниот лекар, вели Филипче

Право на препораки за лекување во домашни услови има само матичниот лекар, вели Филипче
Скопје, 13 октомври 2021 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче вели дека случајот со лекувањето на пациентка заболена од Ковид-19 во домашни услови се уште се истражува и оти јавноста ќе биде информирана кога ќе има дополнителни информации. Тој апелира граѓаните да бидат внимателни и лекувањето во домашни услови да го препуштат единствено на матичниот лекар. - Ексклузивното право да комуницира и да дава препораки за лекување во домашни услови го има матичниот лекар. Зошто? Поради можноста 24 часа да комуницира со пациентот, да направи проценка на состојбата, да каже дали е за домашно лекување или евентуално да препрати на лекар специјалист и за хоспитализација. Така што, тоа е единственото нешто што е можно и единственото нешто што системот го препорачува и дозволува, рече Филипче во одговор на новинарско прашање по настанот за подигање на свесноста за значењето на донирање органи и ткива, како и коскена срцевина во лекување и спасување човечки животи. Тој додаде дека граѓаните треба да се свесни дека болеста Ковид-19 е сериозна болест и оти се можни многу различни сценарија во нејзиниот развој. - Видовме нагли влошувања, видовме различна форма на клиничката слика, лесна, средна и тешка. Повторно да упатам порака дека единствено во комуникација со матичен лекар и лекар специјалист треба да се дефинираат начините на лекување и заради тоа нема еден универзален  протокол кој што важи за сите пациенти. Има протоколи коишто се пратат согласно клиничката слика, манифестацијата, евентуалното присуство на хронични болести. Така што, битно е секој  да се консултира лекар или матичен, а по препорака на матичниот лекар и лекар специјалист, рече Филипче. Тој информира дека за посочениот случај нема доволно информации и оти треба дополнително да се истражи. - И тоа вчера го добив од ДЗСИ, увидот е направен кај матичниот лекар на пациентот  дека случајот е пријавен од страна на лекар кој пациентот го примил во болницата „8 Септември“ и констатирал ваква состојба, но, ни требаат повеќе податоци за што дополнително ќе истражи и Санитарниот инспекторат во делот на тоа што е примено на документацијата во болницата „8 Септември“. МВР е известено, така што, во следните денови кога ќе имаме повеќе информации, ќе известиме. Засега ништо повеќе од ова и нам не ни е познато, рече Филипче. сст/сп/

Остани поврзан